Корисничко име Лозинка Пријави се
16.2.2017

Лига на Европа: Европската пролет носи интересни дуели

Денес се играат првите 16 натпревари од елиминациската фаза на натпреварувањето во Лигата на Европа, а најголемо внимание привлекува дуелот меѓу двата трофејни клуба од Англија и од Франција, Манчестер јунајтед и Сент Етјен.

Со почеток од 19 часот се играат два интересни натпревари, каде што единствено на средбата меѓу Гент и Тотенхем, блага предност му се дава на англискиот претставник, иако двата тима моментно се наоѓаат во идентично променлива форма, каде што на последните пет натпреварувачки дуели, имаа по два триумфа и две ремија и по еден пораз. Овие ривали никогаш претходно не си ги одмериле силите, а Гент на меѓународната сцена досега играше само против Вест хем, од кого изгуби во сезоната 1964/65, додека, од друга страна, тимот од Лондон има позитивен скор против екипите од Белгија, но сè уште не знае за победа во оваа земја, каде што доживеа два пораза и два нерешени резултати.
Во истиот термин, на стадионот „Борусија-Парк“ во неизвесна средба Менхенгладбах ја дочекува Фиорентина, против која ќе има тешка задача да обезбеди добар резултат пред реваншот, со оглед на тоа дека не му оди баш најдобро на домашен терен. Четата на Дитер Хекинг на европската сцена нема победа на последните три натпревари пред своите навивачи, но, од друга страна, „виолетовите“ само два пати имаат триумфирано во натпреварите со германските екипи, и тоа двата пати во Фиренца.
Во 21.05 часот се игра централниот натпревар на денот, во којшто копјата ќе ги вкрстат поранешните шампиони на Стариот континент, Манчестер јунајтед и Сент Етјен. Овие ривали последен и единствен пат на меѓународната сцена играа во сезоната 1977/78, во првото коло на Купот на победниците на куповите. Првиот дуел во Франција беше завршен со резултат 1-1, додека реваншот поради нередите беше игран во Плимут и беше завршен со победа на Јунајтед од 2-0.
Гигантот од „Олд Трафорд“ на претходните 12 натпревари на домашен терен никогаш не изгубил од француските претставници, а навивачите на „зелените“ се надеваат дека токму нив 13 ќе им биде среќен број. Овој натпревар ќе биде многу интересен уште од две причини, Флорентин Погба ќе игра против помладиот, но и многу повеќе познат брат Пол, а не треба да се заборави и фактот дека во дресот на ПСЖ Златан Ибрахимовиќ постигна дури 14 голови на 13 настапи против Сент Етјен, така што се очекува да се продолжи голгетерската серија.
Во исто време почнува дуелот меѓу Вилјареал и Рома, коишто досега само еднаш имаат одиграно двомеч, и тоа во осминафиналето на Купот на УЕФА во сезоната 2003/04, кога „жолтата подморница“ по 180 минути славеше со 3-2. Интересен е податокот дека Вилјареал оваа сезона сите четири европски натпревари на домашен терен ги одигра со резултат 2-1, со тоа што два пати победи, а два пати изгуби со тој резултат. Од друга страна, Рома од групната фаза на Лигата на Европа излезе како непоразена. Моментната форма е на страната на Рома, која има негативен учинок против шпанските клубови, додека навивачите на Вилјареал може да ги радува податокот дека нивните миленици имаат позитивен скор против тимовите од Апенинскиот Полуостров.

Најнови вести