Корисничко име Лозинка Пријави се
04.4.2017

Инзаги пред Рома: Ќе играме со срце, со глава и со нозе

Во вториот полуфинален натпревар од Купот на Италија, Лацио гостува кај Рома, со надеж дека предноста од 2-0 од првиот дуел ќе ја претвори во конечна победа.

Симоне Инзаги, тренерот на Лацио, изјави дека неговата екипа внимателно пристапува кон новиот натпревар во Рим, поучена од искуството на ПСЖ, кој во дуелот со Барселона во Лигата на шампионите беше поразен откако во првиот натпревар славеше со 4-0.
„Првиот натпревар го гледаме само како прво полувреме. Имаме предност од 2-0, но не земаме ништо здраво за готово. Тешко е процентуално да се одредат нашите шанси. Тие беа фаворити пред првиот натпревар, но сега ние сме во предност. Ја почитуваме Рома и знаеме дека ќе мораме да работиме напорно ако сакаме да се пласираме во финалето“, изјави Инзаги.
На прашањето на новинарите што би требало на Лацио да му донесе предност и во реванш-натпреварот, тој одговори едноставно.
„Ќе играме со сè што имаме – со срце, со глава и со нозе. Ќе се подготвиме најдобро што можеме, ќе промениме неколку работи во тактиката. Пристапот мора да биде добар, играта ќе дојде“, додаде Инзаги.
Натпреварот на стадионот „Олимпико“ е закажан за вечерва, од 20.45 часот.

 

Најнови вести