Корисничко име Лозинка Пријави се
24.4.2017

Војна меѓу Рамос и Пике: Со твитови влијаете врз судиите

Серхио Рамос, дефанзивниот играч на Реал Мадрид, имаше што да му каже на Жерар Пике, стоперот на Барселона и колега од репрезентацијата на Шпанија, по и за време на Ел Класико.

Рамос доби црвен картон во 78-мата минута од натпреварот поради исклучително опасниот старт над Лионел Меси, а по излегувањето од теренот во микс-зоната, ја критикуваше судиската одлука за неговото директно исклучување.
Судијата Алхандро Хосе Ернандес го испрати во соблекувалната по стартот со двете нозе над Меси, Аргентинецот од дуелот излезе неповреден, а шпанскиот дефанзивен играч од теренот бесен. Додека го напушташе теренот, со рака им гестикулираше на играчите на Барселона дека многу разговараат со судиите, потоа им аплаудираше, но подоцна изјави дека не се обраќал кон судијата.
„Тие сега може да зборуваат што сакаат преку нивните медиуми... Нема да паднам во таа замка. Не се обраќав кон судијата бидејќи одлуката веќе беше донесена“, изјави капитенот на кралскиот клуб и додаде:
„Со нивните твитови и жалби влијаат врз одлуките на судиите во нивна корист“.
Тој изјави дека признава дека доцнел при стартот, но дека смета дека црвениот картон бил строго досуден.
„Влијаеше на натпреварот. Снимката ја изгледав 40 пати и признавам дека доцнев, но не сакав никого да повредам. Меси добро направи, скокна, но не го допрев“, изјави Серхио.
Пике одговори на тоа што беше повикан изјавувајќи дека во Реал на „Сантијаго Бернабеу“ навикнале на привилегирано судење, а Рамос потсетува на натпреварот на Барселона против ПСЖ.
„Не жалам за тоа што го направив, но жалам што го оставив тимот со играч помалку на теренот. Немам ништо против Пике, не сум во лоши односи со него, двајцата ја браниме својата екипа, но тоа не значи дека по натпреварот ќе се прегрнам и ќе се ракувам со него“, изјави Рамос.
Барселона со голот на Меси во продолжението на времето победи со 3-2 и го презеде првото место од Реал, иако двете екипи имаат по 75 бодови, со тоа што фудбалерите на Реал имаат и натпревар помалку.

Најнови вести