Корисничко име Лозинка Пријави се
25.5.2017

Мурињо: Многу поети во фудбалот, но не освојуваат трофеи

Жозе Мурињо, менаџерот на Манчестер јунајтед, по освојувањето на Лигата на Европа, изјави дека ова му била најтешка сезона во тренерската кариера.

Португалецот минатото лето го презеде гигантот од „Олд Трафорд“, а иако беше дури шести во Премиер лигата, сезоната ја заврши со три трофеи и пласман во Лигата на шампионите.
„Крај на многу тешка сезона. Но многу, многу добра сезона. Целта ни беше во Лигата на шампионите да се квалификуваме низ Премиер лигата, но најважно е дека таа е остварена, и тоа со освојување титула. Многу важна титула. Клубот сега ги има сите трофеи во историјата на фудбалот. Ова беа неколку многу тешки месеци, имавме лоши броеви. Но три трофеи во една сезона и пласман во Лигата на шампионите. Среќен сум бидејќи ова ми беше најтешката сезона откако сум тренер“, изјави Мурињо.
Јунајтед во финалето на Лигата на Европа го совлада Ајакс со 2-0, многу полесно отколку што некои предвидуваа.
„Секогаш мислевме дека можеме да ја освоиме Лигата на Европа и поради тоа сме многу среќни. Игравме интелигентно, победивме на лесен начин. Бевме многу посилни од нив. Ако си доминантен во скокот, играш на долги топки. Има многу поети во фудбалот, но тие не освоија многу титули. Знаевме дека сме подобри од нив и ги искористивме нивните слабости. Целосно ја заслуживме победата. Среќен сум што можам да ги видам момчињата како трчаат со трофејот“, додаде Португалецот.
Целта на Јунајтед во следната сезона секако ќе биде титулата во Премиер лигата, но и напад на Лигата на шампионите. Затоа се неопходни засилувања.
„Ед Вудворд ја има мојата листа, што сакам, што би сакал да имам, повеќе од два месеца. Сега сè е до него и до сопствениците. Но, моментно не ме интересира фудбалот. Сега сум на одмор. Не сакам да ги гледам меѓународните пријателски натпревари, себичен сум, Не можам“, изјави Мурињо.
Мурињо е втор тренер, покрај Рафаел Бенитес, кој ги освоил и Лигата на шампионите и Лигата на Европа, а единствен со по два од овие европски трофеи.

Најнови вести