Корисничко име Лозинка Пријави се
25.5.2017

Манчестер Јунајтед ја освои Лигата на Европа и се врати во Лигата на шампионите

Фудбалерите на Манчестер јунајтед го совладаа Ајакс со 2-0 (1-0) за титулата на Лигата на Европа и за враќање во Лигата на шампионите, а во август ќе ги гледаме на Суперкупот на УЕФА во Скопје.

„Црвените ѓаволи“ првата титула во натпреварувањето, сметајќи го претходникот Куп на УЕФА, ја освоија со погодоците на Пол Погба во првото и на Хенрих Мхитарјан во второто полувреме на „Френдс арената“ во предградието на Стокхолм, Солна.
Јунајтед го освои неговиот шести трофеј во Европа, по трите на Лигата/Купот на шампионите и по еден на Суперкупот и на Купот на победниците на куповите.
Тимот на Жозе Мурињо поведе во 18-тата минута, со ударот на Пол Погба од казнениот простор, со помош на одбивањето на еден дефанзивен играч го измами голманот на Ајакс, по што Португалецот ја повлече екипата и му дозволи на ривалот да ја контролира топката.
Ајакс имаше поголем посед на топката, бараше пат до голот на ривалот, но Јунајтед буквално ја удави играта бидејќи „копјаниците“ немаа решение за последната линија на „црвените ѓаволи“, пет од шесте нивни удари беа блокирани.
Од друга страна, англискиот гигант трпеливо чекаше шанса да го реши натпреварот и ја дочека уште на стартот на второто полувреме во Солна.
Точка стави Мхитарјан, Ерменецот одлично се снајде на работ на петерецот кога со „полуножички“ топката ја испрати во мрежата по неуспешниот шут на Крис Смолинг со глава по корнер.
Мурињо го освои неговиот четврт европски трофеј и е прв тренер кој има по две титули на Лигата на шампионите и на Лигата на Европа.
На „Олд Трафорд“ го донесе првиот меѓународен трофеј по девет години, а 42 вкупно во неговата историја. Лигата на Европа/Купот на УЕФА беше единствениот европски трофеј кој недостасуваше во богатата ризница на Јунајтед.
„Црвените ѓаволи“ до титулата на Лигата на Европа стигнаа освојувајќи го второто место во групата А зад Фенербахче, а пред Феенорд и Зорја со скор 4-0-2, а потоа надигрувајќи ги во плејофот Сент Етјен, Ростов, Андерлехт и Селта Виго.

Најнови вести