Корисничко име Лозинка Пријави се
03.6.2017

Вардар против Барселона за историско финале во ракометната Лига на шампиони

Вардар, шампионот на Македонија во машка конкуренција, денеска ќе игра против шпанскиот шампион за место во утрешниот натпревар за пехарот во Лигата на шампионите.

Ракометарите на Вардар денес ќе го играат историскиот натпревар во полуфиналето од Лигата на шампионите, во кој ќе се дознае дали дебитантскиот настап на Фајнал фор завршницата во најсилниот европски куп ќе заврши со успех. „Црвено црните“ се изборија за место во Келн и денес, од 18 часот ќе играат против Барселона.
И Барселона и Вардар во ростерот ќе имаат по двајца Македонци, Кире Лазаров и Борко Ристевски во шпанската екипа, а Стојанче Стоилов и Петар Ангелов во македонската екипа, поради што ова ќе биде интересен натпревар. Барселона е поискусна и со девет титули е рекордер. Минатогодишниот освојувач на титулата Кјелце го нема, па на тронот ќе седне нов тим.
Првиот натпревар меѓу Веспрем и ПСЖ, кој ќе го судат македонските арбитри Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, ќе остане во втор план, со оглед на тоа што за Македонија поинтересен ќе биде дуелот меѓу Вардар и Барселона.
„Барселона е добра екипа, има и пивотмени и крила и шут од надвор. Барселона е Барселона. Тие се главни фаворити за Лигата на шампионите. Ние треба да одиме таму и да дадеме сѐ од себе. Фаворитите не се тие што секогаш победуваат. Треба да ја бараме нашата шанса. Да искористиме некои моменти на натпреварот, да направиме некоја разлика или да се бориме до самиот крај. Ова ќе биде тежок натпревар, но ако јас одбранам 20 удари и ако секој погоди по три, сигурно ќе добиеме. Оваа Барселона не е таа во која бев јас. Има доста нови играчи. Барселона покажа најдобра форма преку цела сезона. Загуби многу малку натпревари и затоа е фаворит – изјави Арпад Штербик, еден од најискусните во тимот на Вардар и секогаш расположен за игра и за одбрани.
Стојанче Стоилов изјави дека е сигурен дека сите ќе го дадат максимумот и знае дека се подготвени за предизвикот пред нив.
„Ние сме дебитанти, но ќе бидеме подготвени за она што ни претстои. Сите четири екипи имаат еднакви шанси за триумф тука. Се надевам дека ќе имаме повеќе среќа од девојките. Чекавме неколку години да дојдеме на завршниот турнир и знаеме што значи тоа. Дојдени сме со цел и се надевам ќе ја заокружиме таа цел. Знаеме кој е нашиот ривал денеска. Тоа е еден од најдобрите клубови во историјата и клуб со големо минато. Меѓутоа, тоа нема да значи ништо на турнирот во Келн, особено денеска. Се работи за еден меч. Најважно е да бидеме мотивирани, а оној што ќе биде помотивиран ќе победи“, изјави Стоилов.
Натпреварот меѓу Вардар и Барселона се игра во 18 часот, а нашите претставници се сигурни дека ќе го дадат максимумот.

Најнови вести