Корисничко име Лозинка Пријави се
20.6.2017

Прв бод за Македонија на ЕП, победата испуштена во финишот

Младата репрезентација на Македонија го освои првиот бод на Европското првенство, а само неколку минути ја делеа и од првата победа откако Србија во 90-тата минута израмни на 2-2.

Македонија одигра одлично во второто полувреме и направи резултатски пресврт. По 0-1 во првиот дел поведовме со 2-1, но во финишот на средбата ја испуштивме победата и освоивме само бод, првиот на Европското првенство во Полска.
Србија подобро го почна натпреварот, нашите репрезентативци не одиграа на нивото како на првиот меч со Шпанија.
Србија ја искористи иницијативата и во 24-тата минута поведе со голот на Гаќиновиќ, кој беше постигнат од нерегуларна акција. Асистентот  Ѓурѓевиќ беше во недозволена позиција кога ја прими топката, но шкотските судии не го санкционираа очигледниот офсајд.
Во финишот на првото полувреме Енис Барди од слободен удар се закани кон голот на Србија, но неговиот одличен шут го одбрани Милинковиќ-Савиќ.
Второто полувреме Македонија го почна многу поофанзивно  и во 50-тата минута Барди повторно одлично биеше од слободен удар, но голманот на Србија уште еднаш успешно интервенираше.
Во 63-тата минута по центаршутот на Елмас, Живковиќ играше со рака, судијата досуди пенал. Енис Барди беше сигурен од 11 метри и го израмни резултатот со првиот, историски гол за Македонија на Европските првенства.
Во 83-тата минута нововлезениот Ѓорѓев ја финишираше убавата акција со прекрасен удар од дваесетина метри за комплетен пресврт и водство на Македонија од 2-1.
Останаа да се играат уште десетина минути, но Србија во 90-тата минута успеа да постигне гол за конечни 2-2. 

Најнови вести