Корисничко име Лозинка Пријави се
12.10.2017

Македонија носител на група од Лигата на нациите

Квалификациите за Светското првенство завршија и веќе се познати носителите во новото натпреварување, Лига на нациите на УЕФА, кое ќе носи пласман на Европскиот шампионат 2020 година.

Македонската фудбалска репрезентација се наоѓа во Лигата Д, каде што е носител заедно со Азербејџан, Белорусија и Грузија.
Во Лигата Д ќе има четири групи со по четири репрезентации, а победниците од секоја од нив ќе играат плејоф за пласман на Европското првенство ако не изборат место преку квалификациите.
Противници на Македонија можат да ѝ бидат: Ерменија, Летонија, Фарските Острови, Луксембург, Казахстан, Молдавија, Лихтенштајн, Малта, Андора, Косово, Сан Марино и Гибралтар.
 Во Лига А се наоѓаат најдобрите 12 репрезентации, во Лига Б се следните 12 најдобро рангирани, во Лига Ц има 15 селекции, а најбројна е Лига Д, во која игра Македонија, со 16 учесници.
Ждрепката ќе се одржи на 24-ти јануари во Швајцарија, а првите натпревари ќе се играат на почетокот на септември 2018 година.
Македонија убедливо го победи Лихтенштајн со 4-0 во последниот натпревар од квалификациите за Светското првенство во Русија, а Аријан Адеми со прекрасен гол се врати по двегодишната суспензија.
Избраниците на Ангеловски ја оправдаа фаворитската улога и лесно го совладаа послабиот противник.
Нашите репрезентативци имаа иницијатива уште од стартот на натпреварот, но тешко создаваа шанси. Одбраната на Лихтенштајн беше срушена дури во 36-тата минута, кога по корнерот на Алиоски, Муслиу погоди со глава. Само по две минути игра, по асистенцијата на Пандев, Трајковски погоди за 2-0.
Во 63-тата минута Адеми влезе во игра по две годишната суспензија откако падна на допинг-тестот на натпревар на Динамо Загреб, а во 66-тата Трајковски имаше одлична асистенција до Барди, кој со волеј ја испрати топката во мрежата на Лихтенштајн за убедлива предност од 3-0.
 По две минути, одлична акција имаше Адеми, кој постигна гол за конечен резултат 4-0.
До крајот на натпреварот Македонија имаше уште неколку шанси, но резултатот остана непроменет.
Репрезентацијата на Македонија ги заврши квалификациите на петтото место со гол-разлика од 15:15 и финиш кој ветува подобри денови за македонскиот репрезентативен фудбал.

Најнови вести