Корисничко име Лозинка Пријави се
13.10.2017

Келн десет натпревари без Кордоба

Германскиот клуб не само што очајно игра оваа сезона и е последен на табелата на Бундеслигата, туку постепено останува и без битните играчи.

Џон Кордоба, најскапиот фудбалер во историјата на Келн, кој летоска беше платен 17 милиони евра на Мајнц, го повреди мускулот на бутот на левата нога уште во поразот од Лајпциг, а според најновите вести, нема да игра барем шест седмици.
А за тоа време „јарците“ ги чекаат десет натпревари - во првенството, во Купот и во Лигата на Европа. Келн денес го има првиот дуел, во Штутгарт, на теренот каде што доби шест од последните седум прволигашки натпревари (со реми) и каде што нема изгубено од есента 1996 година.
Најнеефикасниот напад во Бундеслигата ќе го предводи Симон Цолер, барем така најавуваат медиумите, бидејќи Јапонецот Јуја Осако сè уште е изморен од обврските со репрезентацијата, новакот Клаудио Пизаро не е подготвен за целиот натпревар, а младиот Серу Гираси не се покажа многу.
„Паузата од две седмици дојде во вистинскиот час, мирно да анализираме сè. Немаме причини за значајни промени“, изјави за „Кикер“ Јерг Шматке, спортскиот директор на Келн.
Работата на тренерот Петер Штегер е сигурна. Австриецот кој работи во клубот од 2013 година очигледно ја има довербата на раководството, бидејќи не треба да се заборави тоа дека со  него во 2014 година клубот обезбеди враќање во првата лига, а во 2017 година избори учество во европските купови по 25 години.

 

Најнови вести