Корисничко име Лозинка Пријави се
17.10.2017

ЛШ: Дуел на гол-машините во Манчестер

Во првиот ден од третото коло на Лигата на шампионите се игра дуелот меѓу двата тима коишто се можеби во најдобра форма во Европа во овој момент – фудбалерите на Манчестер сити го дочекуваат Наполи.

Доколку екипите би продолжиле во истиот ритам, дуелот на „Етихад“ би можело да донесе многу голови и потези.
Тимовите на Пеп Гвардиола и на Маурицио Сари безмилосно ги тресат мрежите, најефикасни се во Премиер лигата и во Серија А и ги држат челните позиции.
Сити направи одлична увертира со победата од 7-2 против Стоук, но Гвардиола внимателно го чека Наполи и предупредува на квалитетот на противникот.
„Ќе им покажам на своите играчи колку добро игра нашиот ривал. Ќе им покажам како што беше случај со Шахтар, многу се слични поради начинот на игра, со тоа што Наполи игра поофанзивно. При нападот најдобро е да се браниш“, изјави Гвардиола.
Од друга страна, како и Сити во Англија, Наполи води на чело на италијанската Серија А, и тоа со победата во саботата над Рома на „Олимпико“ (1-0).
Фудбалерите на Наполи стојат цврсто на земја и улогата фаворит им ја препуштаат на „граѓаните“.
„Одлично е чувството да се победи на ‘Олимпико’ втор пат во еден месец (славеа над Лацио 4-1), но сега фокусот е на Лигата на шампионите. Ние сме на почетокот на нашата приказна... Играме против Сити, една од најсилните екипи во Европа“, изјави Марек Хамшик, капитенот на „наполитанците“.
Во другиот натпревар од групата Ф, Феенорд во Ротердам го дочекува Шахтар и ги бара првите бодови во елитното натпреварување оваа сезона.
Голем натпревар се игра и во Мадрид, Реал, двократниот последователен шампион на Европа, го чека Тотенхем во групата Х.
Во центарот на вниманието ќе биде ѕвездата на кралскиот клуб Герет Бејл, поранешниот фудбалер на Тотенхем, иако е неизвесно колку ќе му помогне на Реал со оглед на тоа дека беше повреден претходните две седмици. И Кристијано Роналдо е подготвен за неговото омилено натпреварување и головите во него, покрај останатите ѕвезди на клубот како Карим Бензема, Иско Аларкон, Лука Модриќ и останатите.
Во другиот дуел од групата Х, Борусија во Дортмунд е голем фаворит против АПОЕЛ во средбата меѓу тимовите без бодови.
Во групата Г, интересно ќе биде и во Монте Карло, каде што Монако ќе игра против Бешикташ, додека во Германија ќе се сретнат Лајпциг и Порто.
Во изедначената група Е, Марибор сака ново изненадување во Лигата на шампионите против Ливерпул, додека во Москва кај Спартак ќе гостува Севилја.
Сите натпревари се играат во стандардниот термин на Лигата на шампионите од 20.45 часот.

Најнови вести