Корисничко име Лозинка Пријави се
09.11.2017

Голем дуел меѓу Хрватска и Грција, „аѕурите“ пред испит

Фудбалерите на ваквите натпревари стануваат херои или трагичари на нивните држави бидејќи улогата е голема – пласман на Светското првенство во Русија 2018 година.

Пред нас се одлучувачките натпревари коишто ќе ни покажат кои 32 селекции ќе ги гледаме на спортскиот планетарен настан.
Познати се 23 учесници на Мундијалот наредната година, а меѓу нив е и селекцијата на Србија, која успеа директно да се пласира како победник во групата Д.
Осум од деветте најдобропласирани други селекции во Европа се пласираа во баражот, а на ждрепката на 17-ти октомври во Цирих беше одлучено кој со кого ќе игра.
Репрезентацијата на Хрватска, која беше втора во групата И, ќе игра со незгодната Грција. Овие две репрезентации досега одиграле шест натпревари, Грците славеа два пати, Хрватите еднаш и имаше три нерешени резултати. Единствената победа „огнените“ ја остварија во квалификациите за Светското првенство 1998 година, а Грците се реваншираа во квалификациите за Европското првенство 2012 година. Дури на седуммина хрватски и грчки репрезентативци можат да го пропуштат реванш-натпреварот поради жолти картони.
Италијанците за пласман ќе се борат со Шведска, Данска и Република Ирска во директната средба ќе одлучат кој ќе оди на Светското првенство, додека копјата ќе ги вкрстат Швајцарија и Северна Ирска.
Европските квалификации се најинтересните, но наредните денови се играат одлучувачките натпревари и на другите континенти.

Репрезентации кои се квалификуваа за Светското првенство:
Европа: Русија, Белгија, Германија, Англија, Шпанија, Полска, Исланд, Србија, Португалија,Франција.
Јужна, Централна и Северна Америка: Бразил, Уругвај, Мексико, Коста Рика, Аргентина, Колумбија, Панама.
Азија: Иран, Јапонија, Јужна Кореја, Саудиска Арабија.
Африка: Нигерија, Египет.

Најнови вести