Корисничко име Лозинка Пријави се
22.11.2017

Рома ќе бара пласман во Мадрид, Јувентус ја чека Барселона

Во вториот ден од петтото коло на Лигата на шампионите најинтересна е ситуацијата во групата Ц, каде што Рома, Челзи и Атлетико Мадрид ја продолжуваат борбата за пласман во осминафиналето.

Во некоја луда комбинација, шанси има и Карабаг, но тешко е да се верува дека аутсајдерот од Азербејџан може да направи два подвига, првиот уште утре против Челзи, шампионот на Англија, на домашен терен.
Се чини дека Челзи е во најдобра позиција, иако има бод помалку од Рома, но и полесен распоред бидејќи сега екипата од Рим го очекува натпреварот за пласман во следната фаза на мадридскиот стадион „Ванда Метрополитано“.
Римјаните и со бод би отишле меѓу најдобрите 16 тимови во Европа, но пред себе ќе го имаат Атлетико, кој на последните 13 натпревари во Лигата на шампионите на домашен терен има девет победи, а меѓу четирите кикса се последните два.
Дербито на оваа рунда се игра во Торино, каде што Јувентус ќе ја дочека Барселона, а натпреварот ќе го суди српскиот арбитер Милорад Мажиќ.
Двата тима имаат шанса да го заверат местото во нокаут-фазата, а заедно тоа можат да го направат со реми, во случај Спортинг да не го совлада Олимпијакос.
Во групата А е замрсена ситуацијата бидејќи Базел и ЦСКА Москва водат борба за второто место, веднаш зад безгрижниот Манчестер јунајтед, додека Бенфика е последна без бодови.
Играчите на Манчестер јунајтед патуваат во Базел, каде што ќе имаат шанса математички да обезбедат пласман во осминафиналето.
Во другиот натпревар од групата, ЦСКА од Москва ќе ја дочека Бенфика.
Во групата Б се знаат патниците за осминафиналето, ПСЖ и Баерн Минхен, додека Селтик е во многу подобра позиција за останување во Европа од Андерлехт бидејќи ги двои победата на Шкотите од Брисел.

Најнови вести