Корисничко име Лозинка Пријави се
19.12.2017

Милан чекори во правец кон кошмарната 1982 година

Милан во неделата изгуби од Верона со 3-0 во 16-тото коло на Серија А, што за „росонерите“ беше седми пораз од почетокот на сезоната. Иако познатиот клуб е далеку од зоната за испаѓање, статистичарите пронајдоа податок дека толкав број порази во овој момент имал и во сезоната 1981/82, кога испаднал во Серија Б.

Милан последен пат во италијанската втора лига играше во 1982 година, откако претходно испадна од Серија А. Оттогаш „росонерите“ освоија седум шампионски титули на Италија, една титула на Купот, но и пет трофеи на Лигата на шампионите.
На „Сан Сиро“ шампионскиот трофеј на Серија А нема стигнато уште од 2011 година, а нема премногу надеж дека тоа ќе се случи и оваа сезона.
Кинескиот конзорциум, кој го купи Милан од легендарниот Силвио Берлускони, летоска вложи повеќе од 200 милиони евра во тимот, но резултатите не дојдоа. Иако се изборија за шеснаесетфиналето во Лигата на Европа, цената на лошите игри во домашното првенство ја плати тренерот Винченцо Монтела, а на клупата дојде Џенаро Гатузо.
Но, ниту тој не донесе многу промени, па против Милан бод успеа да земе и прежалениот Беневенто (2-2), додека Верона му нанесе тежок пораз од 3-0.
Милан има 24 бода, десет повеќе од местото кое моментно води во зоната за испаѓање, но бројот на порази потсетува на 1981/82,  кога клубот од „Сан Сиро“ заврши на 14-тото место на табелата од вкупно 16 тимови.
Милан пред тоа уште еднаш има играно во Серија Б, но тогаш во неа дојде во 1980 година, по скандалот Тотонеро, во којшто поради местење натпревари беше исфрлен и Лацио, а беа казнети уште пет клуба и многу играчи и тренери. Две години подоцна, Милан испадна од Серија А само благодарение на тоа што го прикажа на теренот. И двата пати веднаш се врати во елитниот ранг.

Најнови вести