Корисничко име Лозинка Пријави се
21.5.2018

Голден стејт го растури Хјустон за 2-1

Кошаркарите на Голден стејт го совладаа Хјустон со резултат 126:85 во третиот натпревар од финалната серија на Западната конференција во НБА-лигата.

На теренот на „Оракл арената“ во Оукленд ноќеска во текот на поголемиот дел од натпреварот играше само една екипа.
Голден стејт вориорс, шампионот на НБА-лигата, во финалето на Западот демонстрираше сила над Хјустон рокитс, па сега води со 2-1 во серијата против тимот од Тексас.
Рокитс малку подобро го почнаа натпреварот, кога водеа со 8-4, но со брзата серија на Вориорс од 9-0, резултатот доживеа пресврт. На неколку минути до крајот на четвртината се водеше изедначена борба, но во завршницата тимот на Голден стејт успеа да се одлепи со серијата од 11-0 на 31:22, што беше почеток на крајот на Хјустон на овој натпревар.
Целосен колапс следуваше во третата четвртина, кога се разигра Стефан Кари, а до крајот на средбата Вориорс не само што не сакаа да намалат со нападите, туку го дотепаа противникот.
Во екипата на Вориорс, Кари беше најефикасен со 35 поени и шест скока, а по него следуваа: Кевин Дурант со 25 поени и по шест фатени топки и асистенции, Клеј Томпсон со 13, Квин Кук со 11, Андре Игудала и Дрејмонд Грин со по десет. Одличниот Грин имаше и 17 скока и шест асистенции.
Хјустон поразителната партија ја заврши дури со 19 изгубени топки, додека најмногу поени во тимот од Тексас постигна Џејмс Харден – 20. Тој имаше и девет асистенции и пет скока, додека Клинт Капела и Крис Пол постигнаа по 13 поени. Ерик Гордон натпреварот го заврши со 11 поени.
Со овој триумф Вориорс поставија нов рекорд на НБА-лигата од 16 последователни победи на домашен терен во плејофот, надминувајќи го Чикаго булс, кој имаше победа помалку од април 1990 до мај 1991 година.
Наредниот, четврти натпревар меѓу Голден стејт и Хјустон се игра ноќта меѓу вторник и среда, од три часот по средноевропско време.

Најнови вести