Корисничко име Лозинка Пријави се
25.6.2012

Хуан Себастијан Верон се збогува од фудбалот

Аргентинскиот фудбалер Хуан Себастијан Верон во последното коло на аргентинската Клаусура, кое се одигра вчера, ѝ рече збогум на професионалната кариера по цели 18 години.

Триесет и седумгодишниот Верон со својот Естудијантес во последното коло на Клаусура ремизира со Унион (2-2), но резултатот, како и целиот натпревар паднаа во сенка кога во последната минута од средбата гостинскиот тренер одлучи од игра за последен пат да го извади поранешниот играч на Манчестер јунајтед, Челзи и Интер.
Сите 40 илјади навивачи на Унион Санта Фе станаа и му аплаудираа на играчот кој многу години беше икона на аргентинскиот фудбал. Верон кариерата ја заврши во клубот во којшто и ја почна во далечната 1994 година. Во 18-годишната долга кариера Аргентинецот смени дури осум клубови, а најдлабока трага остави во италијанскиот Лацио, со кого ги освои: шампионската титула, Италијанскиот куп, Суперкупот (сите во 2000 година) и Суперкупот на УЕФА во 1999 година.
За Аргентина дебитираше во 1996 година и до своето збогување, во 2010 година, собра 73 настапи во кои постигна девет погодоци.
„Сè има свој почеток и крај...Тоа е животот“, кратко изјави Верон по своето последно излегување на теренот како професионален фудбалер.

Најнови вести