Корисничко име Лозинка Пријави се
25.9.2012

Сопственикот на Локомотив Пловдив играчите и тренерите ги праќа на детектор за лаги

По изненадувачкиот пораз од 0-1 во саботата на гости кај екипата на Ботев Враца во шестото коло на бугарското првенство, сопственикот на Локомотив од Пловдив ќе ги натера играчите и тренерските лица на клубот на полиграфско испитување поради сомнеж дека учествувале во местење на натпреварот.

Локомотив, бугарскиот шампион во 2004 година, во тој натпревар го претрпе првиот пораз оваа сезона, и тоа од екипа која изгуби од сите пет дотогашни натпревари во првенството со комбинирана гол-разлика 1-16.
Веселин Марешки, сопственикот на Локомотив, за локалните медиуми денес изјави дека сака да се увери дека зад поразот на неговиот клуб не стојат никакви други фактори освен чисто фудбалски.
„Никој не е вакциниран против губење натпревари, па ниту мојот клуб. Сепак, овој пораз беше многу чуден. Принципите на фер плеј за мене се најважни и поради тоа играчите и тренерите ќе мора да одат на детектор за лаги“, рече Марешки.
Претходно овој месец, Бугарскиот фудбалски сојуз соопшти дека државното обвинителство отворило истрага поради сомнение во местење на четири домашни натпревари оваа сезона. Јуниорската екипа на Спартак Плевен е исфрлена од младинското првенство поради местење уште пред да стигнат резултатите од истрагата. Голем број натпревари од младинското првенство, исто така, се наоѓаат на понудите на обложувалниците.