Корисничко име Лозинка Пријави се
19.1.2013

Денеска почнува 29-иот Куп на Африкански нации

Купот на Африкански нации ќе се игра од денес до 10 февруари во Јужноафриканската република. Ова ќе биде 29-то издание на африканското фудбалско првенство.

Африканската фудбалска конфедерација одлучи домаќин да биде Јужна Африка, иако домаќин требаше да биде Либија, но државата од северот на Африка заради воениот конфликт не беше во можност да го организира првенството.
На овогодишниот Куп на Африкански нации ќе учествуваат 16 репрезентации распоредени во четири групи. Јужна Африка се пласираше директно на завршниот турнир како домаќин, а останатите 15 репрезентации се пласираа преку квалификации: Алжир, Ангола, Буркина Фасо, ДР Конго, Зеленортски острови, Етиопија, Гана, Мали, Мароко, Нигер, Нигерија, Брегот на Слоновата коска, Того, Тунис и Замбија.
Треба да се одиграат 32 натпревари, а средбите ќе се играат на стадионите на кои се одржа Светското првенство во 2010 година.
Титулата ја брани Замбија која во минатогодишното финале ја победи репрезентацијата на Брегот на Слоновата коска по подобро изведување на пенали. Овој подвиг на Замбија беше прогласен од ФИФА за најголем фудбалски успех во претходната календарска година.
На турнирот ќе учествуваат репрезентации со богато искуство на овој Куп. Девет репрезентации имаат двоцифрен број настапи, а за Брегот на Слоновата коска ова е дваесетти настап. Само Нигер и Зеленортските острови доаѓаат со мало искуство, а Етиопија се враќа по пауза долга 31 година.

Најуспешна репрезентација во историјата на Купот е Египет со седум титули, но на ова првенство нема да настапи, а следат Гана и Камерун со по четири трофеи. Најмногу порази во финалето (по четири) имаат Гана и Нигерија, која има освоено најмногу бронзени медали, дури седум.

Група А: Јужна Африка, Ангола, Мароко, Зеленортски острови
Група Б: Гана, Мали, Нигер, ДР Конго
Група Ц: Замбија, Нигерија, Буркина Фасо, Етиопија
Група Д: Брег на Слоновата коска, Тунис, Алжир, Того