Корисничко име Лозинка Пријави се
29.5.2013

Роберто Мартинес го напушти Виган

Роберто Мартинес, долгогодишниот менаџер на Виган, поднесе оставка на таа функција и се очекува наредните денови да го преземе Евертон.

Виган испадна во Шампионат лигата неколку дена откако го освои ФА купот.
Шпанскиот стручњак, наводно, има неколку понуди, а најблиску е до Евертон, чиј менаџер Дејвид Мојс по 11 години го напушти „Гудисон парк“ и го презеде Манчестер јунајтед.
„Бараше дозвола да си оди и ние му ја дадовме. Му останаа уште 12 месеци од договорот, па кој и да го земе, ќе мора да плати за тој остаток. Тој смета дека не е човекот кој би требало да нè врати во Премиер лигата. Мора да го прифатиме тоа што го чувствува. Тој го сака Виган и нашите навивачи. Мораме да продолжиме понатаму и да бараме нов тренер“, изјави Дејв Вилан, сопственикот на Виган, за медиумите.
Мартинес има 39 години, како играч немаше забележителна кариера, а во 2007 година го презеде Свонси, каде што воспостави систем, кој „лебедите“ ги доведе до Премиер лигата минатата сезона.
Две години подоцна, во 2009 година дојде на клупата на Виган, со кого често се бореше за опстанок, но многу успешно, сè до оваа сезона.
Шпанецот Виган го напушти со трофејот на ФА купот, прв во историјата на клубот.

Најнови вести