Корисничко име Лозинка Пријави се
12.8.2013

Мојс: Ова е нов трофеј во колекцијата на Сер Алекс

Новиот менаџер на Манчестер јунајтед, Дејвид Мојс, беше многу скромен по освојувањето на својот прв трофеј на клупата на „црвените ѓаволи“.

Манчестер јунајтед со 2-0 триумфираше против Виган и го освои „Комјунити шилд“, англискиот суперкуп, а Мојс заслугата за тоа скромно му ја препиша на легендарниот поранешен менаџер, Сер Алекс Фергусон, кој на крајот од минатата сезона по 26 години го напушти Олд Трафорд.
„Сметам дека ова е ново парче од трофејната колекција на Сер Алекс. Неговиот тим минатата сезона ја освои Премиер лигата. Навистина му благодарам, ова денес е негово. Следната титула ќе биде моја“, изјави Мојс.
Шкотскиот стратег беше прашан од новинарите и за горчливиот проблем на Јунајтед кој се провлекува низ медиумите цело лето, желбата за трансфер на Вејн Руни во Челзи.
„Тој не е на продажба. Ништо не е сменето, па немам што да додадам на вашето прашање. На некој од вас можеби тоа не ви се допаѓа бидејќи пишувавте невистини. Не сум се скарал со Вејн. Тој тренираше со резервите по своја желба“.
Прашан дали Руни ќе игра за англиската репрезентација на пријателската против Шкотска во среда, Мојс додаде:
„Разговарав со Рој Хоџсон два часа во различни прилики. Би било одлично за Манчестер јунајтед ако добие шанса да игра“.
Актуелните англиски прваци во одбрана на титулата во Премиер лигата ќе тргнат следната сабота гостувајќи кај Свонси.

Најнови вести