Корисничко име Лозинка Пријави се
16.2.2015

Гарсија: Дури не ни шутиравме кон голот

Руди Гарсија, тренерот на Рома, по ремито без голови со Парма изјави дека неговите играчи дури не се ни обиделе да шутираат кон голот.

„Волчицата“ ја пропушти шансата да се приближи до водечкиот Јувентус со тоа што направи кикс против тимот кој ја држи последната позиција на Серија А.
Гарсија по натпреварот на „Олимпискиот стадион“ во Рим, одби да ги искористи повредите и болестите на некои играчи како изговор за петтото реми во последните шест средби.
„Во второто полувреме игравме подобро и го подигнавме темпото, но Парма играше со сите расположливи средства и не можевме да најдеме шанса за да го свртиме натпреварот во наша корист. Бевме премногу бавни на почетокот на натпреварот и немавме многу удари кон голот. Тешко е да постигнете гол ако воопшто не целите, а тоа беше нашиот најголем проблем. Ова е тежок период за нас, а моравме да играме со некои играчи коишто не се во најдобра форма. Миралем Пјаниќ не можеше да игра поради грип, но тоа не смее да ни биде изговор. Мораме да играме подобро и требаше да ја победиме Парма, без оглед на околностите“, изјави Гарсија.
Гарсија даде коментар и за свиркањето на навивачите на Рома на полувремето и на крајот на натпреварот и изјави дека тие имаат право да бидат незадоволни од резултатите во последно време.
„Навивачите се разочарани, тоа е нормално, како што сме и ние по ремито со екипата од дното на табелата. Навивачите на Рома сакаат да видат победа. Ѝ честитам на Парма бидејќи во ниту еден момент играчите не се откажаа и ни ги затворија сите приоди кон голот“, додаде Гарсија.

Најнови вести