Корисничко име Лозинка Пријави се
10.12.2015

Гајтан го продолжи договорот со Бенфика

Фудбалерот на Бенфика Николас Гајтан го продолжи договорот на уште четири години, соопшти португалскиот клуб.

Гајтан во 2010 година дојде во Бенфика од Бока јуниорс и е еден од најстандардните играчи на лисабонскиот клуб.
Веќе со години се шпекулира за интересот на Манчестер јунајтед за овој 27 годишен Аргентинец, чија нова клаузула за откуп е 45 милиони евра.
„Фантастично е што го продолжив договорот. Одлуката беше брза и двете страни се задоволни. Среќен сум во Бенфика, ова е еден од најдобрите европски клубови“, изјави Гајтан за британските медиуми.
Тој сепак не ја отфрли можноста за заминување, но наведе дека заинтересираните клубови би морале да испратат добра понуда.
„Тоа би морала да биде исклучително добра понуда, бидејќи јас сум среќен во клубот. Добро играме во шампионатот, но не ни оди баш добро во Лигата на шампионите. Добро се чувствувам работејќи со екипата која ја имаме“, изјави Гајтан.
Бенфика оваа сезона се пласираше во осминафиналето во Лигата на шампионите, а ждрепката за ова натпреварување ќе биде во понеделник на 14 декември во 12часот во Нион.

Најнови вести