Корисничко име Лозинка Пријави се
07.8.2015

Херојско реми на Работнички против Трабзонспор

Работнички по продолженијата со играч помалку успеа да го елиминира турскиот Трабзонспор и по втор пат во историјата се пласира во плејофот на Лигата на Европа.

Во регуларниот тек на натпреварот Трабзонспор водеше со 1-0, резултат со којшто загуби во Скопје, а по продолженијата средбата заврши со резултат 1-1. Единствениот гол за турскиот клуб го постигна Окај Јашуклу во 55-тата минута, а десет минути подоцна Трајчевски доби втор жолт картон и Работнички остана со еден играч помалку на теренот.
Во продолженијата и двата тима имаа по една пречка, прво Алтипармаковски со волеј удар ја погоди пречката на домашниот гол, а по неколку минути, исто така, Јилмаз ја погоди пречката на голот на тимот од Скопје.
Кире Марковски беше стрелецот на голот за Работнички, откако во 112-тата минута од средбата Милан Илиевски упати висок центаршут кон Марковски, а тој добро се снајде и со глава ја испрати топката во празната мрежа на турскиот клуб.
„Игравме со срце. Ова е подарок за нашиот народ, историски резултат за македонскиот фудбал. Имаме годишен буџет од само 350.000 евра и нашата стратегија е да произведуваме млади играчи. Стрелецот на голот е роден 1995 година“, изјави по натпреварот Игор Ангеловски, тренерот на Работнички.
Работнички во 2011 година го елиминира Анортозис во третото квалификациско коло, а во плејофот за влез во групната фаза испадна од Лацио.
Можни противници на Работнички се: Рубин Казањ од Русија, Салцбург од Австрија, Фенербахче од Турција, Бордо од Франција, Лех Познањ од Полска и Слован Либерец од Чешка. Покрај Работнички, во третата група како неносители се уште: Хајдук Сплит, Атромитос, Динамо Минск, Видеотон и Каират Алмати.
Ждрепката ќе се одржи денес со почеток во 13 часот.


Најнови вести