Корисничко име Лозинка Пријави се
07.7.2016

Кој ќе оди против Роналдо, светскиот првак или домаќините?

Германија или Франција се на чекор од финалето на ЕВРО 2016 година и од дуелот со Португалија.

Овие две селекции ќе се сретнат денес во 21:00 часот во Марсеј во вториот полуфинален дуел.
Тимот на Јоаким Лев ќе се обиде да се пласира во седмото финале на Европските првенства во историјата, додека домаќините се борат за третото финале.
Светскиот првак има сериозни кадровски проблеми пред овој дуел бидејќи не играат суспендираниот Хумелс, како и повредените Гомес и Хедира. Сепак, според зборовите на Томас Милер, Германците смело влегуваат во полуфиналниот дуел.
„Во нашиот тим нема место за страв. Нормално дека Франција не дојде на среќа до полуфиналето, туку затоа што поседува квалитет. Ги почитуваме, но јас сум секогаш оптимист дека ќе најдеме решение, дури и кога имаме многу проблеми со повредени играчи. Мислам дека никогаш не сме биле вака добро покриени со играчи на сите позиции“, изјави Милер.
Од друга страна пак, Дидие Дешамп, има идеална ситуација што се однесува до играчите, бидејќи сите се подготвени за дуелот со Германија. Сепак, некогашниот играч на Јувентус знае кој го чека на патот до финалето.
„Германија е најдобриот тим, без сомнеж, и покрај тоа што имаа проблеми против Италија. Но ние сме тука во полуфиналето и ќе дадеме сè од себе против најдобриот тим во светот“, изјави францускиот селектор.
Бастијан Швајнштајгер се повреди во четврт-финалето против Италија, но Лев наведе дека капитенот на Германија е подготвен за денешниот натпревар.
„Швајнштајгер дефинитивно ќе го започне натпреварот против Франција. Има сила да игра од почетокот. За нас е важно искусен играч како што е Бастијан да го започне натпреварот“, изјави Лев.

 

Најнови вести