Корисничко име Лозинка Пријави се
28.9.2016

Дерби во Мадрид, Атлетико го чека Баерн

Вториот ден од второто коло на Лигата на шампионите најголемо внимание привлекува дуелот на мадридскиот „Висенте Калдерон“, каде што Атлетико го дочекува германскиот шампион Баерн Минхен.

Тоа ќе биде нов судир на тимовите од полуфиналето на минатата сезона, кога екипата на Диего Симеоне му зададе болен удар на Баерн и, и покрај поразот во Минхен (2-1), го елиминираше благодарение на голот во гости по минималната победа во Мадрид.
„Баварците“ перфектно стартуваа со Карло Анчелоти на клупата, ги имаат сите осум триумфи, но жешката атмосфера на „Висенте Калдерон“ сигурно ќе биде најголем тест во досегашниот дел на сезоната. За тоа е свесен и играчот за врска Чаби Алонсо, истакнувајќи ја цврстата одбрана на Атлетико.
„Примивме само два гола од седум натпревари. Среќни сме поради одличниот почеток на сезоната, но сега играме против значително посилен тим. Во наредните 90 минути не смееме да го упропастиме сето добро досега“, изјави Шпанецот од Баерн.
Атлетико нема баш убави спомени од Анчелоти и од Баерн, ако се изостави минатата сезона, токму од Германците го изгуби прочуеното финале на Купот на шампионите во 1974 година во вториот натпревар (4-0), откако во првиот прими погодок во 120-тата минута, а слично беше кога Анчелоти од клупата на Реал славеше по продолженијата и изедначи со голот на Серхио Рамос во последните секунди од регуларниот рок.
Во групата Д, за првитe бодови во Русија ќе се борат екипите на Ростов и ПСВ од Ајндховен.
Барселона го продолжува натпреварувањето без повредениот Лионел Меси на гостувањето во Менхенгладбах против Борусија, додека во дербито на Островот, Селтик го дочекува Манчестер сити, кој има десет триумфи од исто толку натпревари оваа сезона.
Во најизедначената група, во Истанбул кај Бешикташ доаѓа Динамо од Киев, додека Бенфика патува во Неапол, каде што ќе се сретне со Наполи.
ПСЖ и Арсенал се изразити фаворити во дуелите со Лудогорец и со Базел, па се очекува веднаш да направат разлика во групата А.

Најнови вести