Корисничко име Лозинка Пријави се
02.11.2016

Сити ѝ се реваншира на Барса, четири екипи се пласираа во осминафиналето

Манчестер сити ѝ се реваншира на Барселона за поразот од пред две седмици, а фаворитите едвај дојдоа до победа и пласман во осминафиналето.

Фудбалерите на Манчестер сити ја победија Барселона по пресврт со резултат 3-1 (1-1), додека четири екипи веќе се пласираа во осминафиналето.
Пласман во наредната рунда синоќа обезбедија: Баерн Минхен, Атлетико Мадрид, ПСЖ и Арсенал, додека на чекор од пласман се Барселона и Манчестер сити.
Сите екипи до пласман дојдоа во самиот финиш, ПСЖ, Атлетико Мадрид и Арсенал до победата стигнаа во последните минути на синоќешните дуели.
Манчестер сити и Барса одиграа возбудлив натпревар во дербито на вечерта. Каталонскиот клуб поведе по одличниот контранапад на Нејмар и Меси, кој Аргентинецот го круниса со погодок во 21-та минута од средбата.
Сити успеа да се врати во натпреварот, во 39-тата минута по пресечениот пас пред шеснаесетникот, Стерлинг го проигра Гундоган, а тој од пет метри лесно го погоди празниот гол за 1-1.
Веднаш потоа, Сити имаше голема шанса за пресврт, но ударот на Фернандињо заврши покрај стативата.
„Граѓаните“ со добра игра продолжија и во второто полувреме, а во 51-вата минута Де Бројне донесе целосен пресврт од слободен удар по слабата проценка на Тер Штеген кој беше лошо поставен и можеше подобро да интервенира.
До крајот, Барселона имаше уште една одлична шанса, но Андре Гомес ја погоди пречката по одличниот соло продор и проигрувањето на Луис Суарес.
Конечните 3-1 ги постави Гундоган со својот втор погодок.
Во другиот натпревар од оваа група, Менхенгладбах повторно беше подобар од Селтик но не успеа да победи. Водечкиот погодок на средбата го постигна Штиндл во 32-рата минута, а голем бод на Селтик му го донесе Дембеле од белата точка.

Најнови вести