Корисничко име Лозинка Пријави се
28.11.2016

Дејвис куп круната за Аргентина

Тениската репрезентација на Аргентина ја освои круната во Дејвис купот по големиот пресврт против Хрватска во финалето.

Аргентина во Загреб славеше со резултат 3-2, а одлучувачкиот поен го донесе Федерико Делбонис со победата на Иво Карловиќ во три сета.
Делбонис беше понесен од одличната атмосфера по пресвртот на Хуан Мартин Дел Порто, одигра исклучителен натпревар и славеше со резултат 6:3, 6:4, 6:2.
Во третиот ден на финалето „гаучосите“ влегоа со голем притисок, бидејќи домаќинот водеше со 1-2 во победите – тој стана уште поголем кога Чилиќ поведе со 2-0 против Дел Потро, но потоа сè се сврти во корист на гостите. „Џинот од Тандил“ ја доби извонредната победа и направи вистинска подлога за соиграчите.
Федерико одлично почна, ја чекаше својата шанса и бидејќи спаси една брејк-топка, веќе во следниот гем му го одзеде сервисот на Карловиќ без изгубен поен. Тоа беше доволно за првиот сет, а слична ситуација беше видена и во вториот.
Во финишот на сетот го одзеде сервисот можеби и на најдобриот сервер во историјата на белиот спорт, со што целосно ја замолчи салата во престолнината на Хрватска.
Речиси пресликан беше третиот дел од играта, само што овој пат Делбонис направи брејк во раната фаза и по двочасовната борба им ја донесе големата прослава на Аргентинците.
Круната која ја освоија избраниците на капитенот Даниел Орсаник дојде по петте врзани порази во финалињата на Дејвис купот, поради што оваа генерација ќе остане запишана со златни букви во историјата како единствена која на Аргентина ѝ го донесла трофејот.
На овој успех присуствуваше и најголемиот спортист која го дала оваа земја, легендарниот Диего Армандо Марадона, кој го доби рекетот на Дел Потро.
Од друга страна, Хрватите останаа на една победа, таа од 2005 година.

Најнови вести