Корисничко име Лозинка Пријави се
30.12.2016

Клоп: Кутињо нема да игра против Сити

Филипе Кутињо, играчот за врска на Ливерпул, ќе го пропушти натпреварот против Манчестер сити поради повреда на глуждот, изјави Јирген Клоп, тренерот на „црвените“.

Бразилскиот фудбалер досега веќе пропушти шест натпревари поради повредата која ја заработи во ноември, во победата над Сандерленд.
„Премногу е рано да почне да игра против Сити, а речиси сум сигурен дека ќе го прескокне и натпреварот против Сандерленд во понеделник“, изјави Клоп за британските медиуми.
Ливерпул денес ќе го дочека Манчестер сити во натпреварот од 19-тото коло на Премиер лигата од 18.30 часот.
Екипата од „Енфилд роуд“ е втора на табелата со 40 бодови, додека Сити е на третото место со еден бод помалку.
„Тоа ќе биде важен натпревар за двата тима. Да не сум на клупата, јас би купил влезница за тој натпревар сто отсто“, додаде тренерот на Ливерпул.
Клоп изјави пофални зборови за Хосеп Гвардиола, тренерот на Сити, неговиот некогашен ривал од Бундеслигата.
„Нашите екипи сега се сосема поинакви во однос кога се сретнувавме како тренери на Борусија од Дортмунд и на Баерн од Минхен. Беше блиску до совршенство со Барселона, имаше големо влијание врз Баерн, го промени нивниот стил на игра... Тој е извонреден тренер“, изјави Клоп.
Тој ги демантираше наводите на медиумите дека Ливерпул ќе го ангажира Алкес Окслејд-Чемберлен, играчот на Арсенал.
„Приказните околу трансферите обично не ги коментирам, но ќе направам исклучок – тоа се глупости“, изјави Клоп.

Најнови вести