Корисничко име Лозинка Пријави се
06.2.2017

Агуеро: Сити одлучува дали има место за мене

Серхио Агуеро, најдобриот стрелец на Манчестер сити, не ја отфрли можноста на крајот на сезоната да го напушти клубот, незадоволен од минутажата во последно време.

Аргентинецот на втор натпревар по ред остана на клупата за резерви, во победата на Сити над Свонси со 2-1, а токму Габриел Жесус, напаѓачот кој го исфрли од најдобрите 11, ги постигна двата гола.
„Во наредните три месеци ќе се трудам да му помогнам на клубот, а потоа Сити ќе одлучи дали има место за мене или нема. Сакам да останам, договорот ми истекува за три години и среќен сум. Чекам шанса, а ќе видиме што ќе се случи на крајот на сезоната“, изјави Агуеро за Би-би-си.
Агуеро летоска го продолжи договорот со Сити, оваа сезона со 18 погодоци е најпродуктивниот фудбалер на екипата, но се шпекулира дека е во тивка војна со менаџерот Пеп Гвардиола.
Тој е трет најдобар стрелец на клубот на сите времиња, вкупно постигна 154 погодоци, меѓу кои најпознат е оној од 2012 година за титулата во судиското продолжение против Квинс парк ренџерс во последното коло.

Најнови вести