Корисничко име Лозинка Пријави се
15.3.2017

Сампаоли: Пеналите кобни

Хорхе Сампаоли, тренерот на Севилја, изјави дека непогодените пенали биле причина за елиминацијата од осминафиналето на Лигата на шампионите.

Андалузијците испаднаа од шампионот на Англија, Лестер, кој оваа сезона се бори за опстанок во Премиер лигата.
Севилја во првиот натпревар славеше на нејзин терен со 2-1, но Самир Насри не го погоди ударот од белата точка. Во реваншот Лестер победи со 2-0, а Шпанците имаа шанса да изборат продолжение, но Стивен Н’зонзи исто така беше неуспешен од 11 метри.
„Одлучија тие два непогодени пенали. Сè можеше да биде поинаку. Се обидовме со промената на изведувачот на пеналот, Стивен истапи, но Шмајхел одлично одбрани. Поради тоа останавме без ништо синоќа“, изјави Сампаоли.
Од друга страна, Крег Шекспир израсна во херој на Лестер по неколку седмици откако го наследи Клаудио Раниери на клупата на „лисиците“.
„Ова е огромен успех. Играчите треба да бидат неверојатно горди, како и клубот, што успеавме да оствариме ваков резултат. Бевме фантастични. Понекогаш си игравме со судбината, но покажавме карактер. Идејата беше да направиме колку што е можно да не се чувствуваат комфорно, планот на играта беше одличен. Головите го менуваат текот на натпреварот, а погодокот на Вес ни даде контрола“, изјави Шекспир.
И тој даде коментар за пеналот кој Шмајхел го одбрани од Н’зонзи.
„Кога ни беше најпотребен, ни донесе одбрана. Сега исфрливме еден од најдобрите тимови во Европа, ќе биде убаво да пробаме и со уште некој друг. Кога ќе ја слушнеме мелодијата на Лигата на шампионите, тоа сите нè загрева, публиката беше феноменална“, изјави менаџерот на Лестер.
Потенцијални ривали во четврт-финалето се европските гиганти: Барселона, Реал Мадрид, Јувентус и Баерн Минхен. Ждрепката ќе се одржи во петок, а натпреварите ќе се играат на средината на април.

Најнови вести