Корисничко име Лозинка Пријави се
02.5.2017

Мадридско дерби за финале

Атлетико и Реал ќе се сретнат по четврти пат во последните четири сезони во Лигата на шампионите.

Првиот дуел од полуфиналето се игра вечерва на „Сантијаго Бернабеу“, а сите од „црвено-белиот“ дел на Мадрид се прашуваат дали ќе има четврта среќа.
Екипата на Диего Чоло Симеоне од бранителот на трофејот ги доживеа сите три порази во нокаут-фазите на елитното натпреварување, меѓу кои два во финалињата – минатата година по пеналите и во 2014, кога секунди ја делеа од шампионската титула на Европа, а во 2015 година во четврт-финалето само со еден примен гол.
Сите од Атлетико сметаат дека дошло време за реванш за сите болни елиминации, но на другата страна многу се прашуваат Кристијано Роналдо и неговите соиграчи.
Роналдо во минатата рунда практично сам го елиминира Баерн од Минхен со вкупно пет голови, но сега против себе ќе ја има, покрај Јувентус, најдобрата одбрана на светот.
Реал ќе биде без повредениот Герет Бејл, кого ќе го замени одличниот Џејмс Родригес, додека одбраната на Атлетико од таа причина ќе биде лишен од услугите на Хосе Марија Хименес.
„Родригес многу добро играше во отсуство на Бејл, работи сè што барам од него. Многу му помогна на тимот во претходните натпревари, се надевам дека така ќе биде и утре“, изјави Зинедин Зидан, тренерот на кралскиот клуб.
Од Атлетико се оптимисти, посебно шармантниот тренер Симеоне.
„Можеме да се носиме со Реал, тоа го покажавме многупати. Се надевам дека сега е моментот да избориме ново финале“, изјави Аргентинецот.
Симеоне нема да може да смета на искусните дефанзивни играчи Хосе Хименес и Хуанфран Торес, коишто би можело да го пропуштат и реваншот на „Висенте Калдерон“ наредната седмица.
„Ќе пронајдеме решение. Тие отсуства се важни бидејќи во нова ситуација ќе се најдат оние играчи коишто ќе играат на нивните позиции. Но, ова е тимски спорт и остатокот на екипата може да го надополни нивното отсуство“, изјави Симеоне.
Првата полуфинална рунда се игра кај Реал, на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, од 20.45 часот.

Најнови вести