Корисничко име Лозинка Пријави се
10.5.2017

Формалност за Реал на „Висенте Калдерон“

Реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите меѓу мадридските Атлетико и Реал на прв поглед кажува дека нема да биде од преголем натпреварувачки карактер.

Иако на „Сантијаго Бернабеу“ резултатот беше 3-0 за шампионот на Европа, екипата на чело со Диего Симеоне нема намера однапред да се предаде, туку да го препише рецептот од 2015 година, кога со 4-0 славеше против градскиот ривал.
Зборовите предавање или невозможна мисија се забранети кај темпераментниот Симеоне, па владее оптимизам и верба за дежа ву од февруари 2015 година, кога Атлетико со 4-0 го надигра Реал токму на бучниот „Висенте Калдерон“.
Тој натпревар беше во шпанската Примера лига, каде што Реал против Атлетико победил само еднаш во последните осум дуели, за разлика од Лигата на шампионите, каде што е на пат по четврти пат да им зададе удар на „јорганџиите“.
До каков подвиг би можело да дојде Атлетико говори и фактот дека Реал дури на 60 претходни натпревари постигнувал барем по еден гол, а спроти себе ќе го има повторно ноќниот кошмар Кристијано Роналдо, стрелец на хет-трикот во првиот натпревар.
„Пред нас е екстремно тежок натпревар, за некого невозможна задача, но не и за нас. Им реков на играчите да веруваат, иако играат против најдобриот тим на светот, но ние можеме да се пласираме. На свој терен секогаш имаме шанса“, изјави Симеоне, во чиј состав се враќа стоперот Хосе Марија Хименес.
Капитенот Габи инспирацијата ја наоѓа во Барселона, која оваа сезона во осминафиналето на Лигата на шампионите го надополни заостанувањето од четири гола против ПСЖ.
„Секако дека можеме до пресврт, погледнете ја Барселона, таа имаше дури и потежок резултат. Уверен сум дека можеме да го елиминираме Реал, ќе се бориме и ако не успееме, барем од теренот ќе излеземе со кренати чела“, изјави Габи.
Во Реал никој не помислува дека Атлетико може до сензација, туку за тоа дека во финишот имаат шанса да го направат она што не го направил никој – да го одбранат трофејот на Лигата на шампионите.
„Реал има специјална врска со Лигата на шампионите и навивачите го чувствуваат тоа. Играњето во Европа ни дава крилја... Секој натпревар против Атлетико е тежок, тие се голем тим, но ние знаеме како со нив“, изјави младиот крилен напаѓач Лукас Васкез.
Реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите меѓу Атлетико и Реал на програмата е вечерва, во стандардниот термин од 20.45 часот.

Најнови вести