Корисничко име Лозинка Пријави се
12.5.2017

Јунајтед и Ајакс за пехарот и за место во Лигата на шампионите

Во финалето на Лигата на Европа оваа година ќе се сретнат Манчестер јунајтед и Ајакс.

Манчестер јунајтед и Селта одиграа нерешено 1-1 на „Олд Трафорд“.
Маркус Рашфорд во 17-тата минута одлично центрираше, топката ја испрати во шеснаесетникот и Маруан Фелаини со глава го погоди аголот на голманот и на Јунајтед му донесе водство од 1-0.
Последните четири акции на Манчестер јунајтед во европските натпреварувања завршија со головите на Маркус Рашфорд, кој беше клучниот човек, постигна два гола и имаше две асистенции.
Единствена можна шанса во првото полувреме Селта имаше во 42-рата минута преку Јаго Аспас, но по неговиот удар со глава, топката отиде покрај голот.
Јунајтед можеше и до убедливо водство на „Олд Трафорд“, но Серхио Алварез одлично ги одбрани шутевите на Мхитарјан во 49-тата и на Рашфорд во 64-тата минута.
Ако немаше возбудувања во поголемиот дел од натпреварот, ги имаше во завршницата. Факундо Ронкалја на Селта ѝ донесе изненадување. Центрираше Бонгонда, а со глава топката во мрежата ја испрати Ронкалја.
На две минути пред крајот на натпреварот, двете екипи останаа со играч помалку. Црвен картон во Јунајтед доби Ерик Бејли, а во Селта Ронкалја.
Интересно беше и во реваншот меѓу Лион и Ајакс. Холанѓаните во дуелот влегоа практично како финалисти бидејќи во првиот натпревар славеа со 4-1, но Лион дојде на гол од продолженија и славеше со 3-1. 
Ајакс поведе во 27-мата минута со голот на Каспер Долберг, кој го лобиваше Лопес, но Александр Лаказет успеа да го врати Лион во живот до паузата.
Само за две минути, Лаказет му донесе предност на Лион – прво во 45-тата минута сигурно го изведе пеналот, а по неполна минута подоцна феноменално го искористи центаршутот на Фекир од блиску и погоди за 2-1.
Во последните 46 натпреварувачки дуели, Лаказет постигна 33 гола и имаше четири асистенции, а вкупно, во сите натпреварувања за Лион постигна 125 погодоци.
По пропуштените шанси на двете страни, Рашид Гезал од тешка позиција успеа да го доведе Лион на чекор од продолженија. Се играше 81-вата минута. Три минути подоцна, Ајакс остана со играч помалку на теренот бидејќи втор жолт картон доби Ник Фиргевер.
Лаказет имаше феноменална шанса во 87-мата, а Корне во 88-мата минута, но Лион застана на тоа и остана без шанса да се обиде преку продолженија или евнтуално со пенал да дојде до финале. Ајакс ќе игра десетто финале во еврокуповите во историјата на кое чекаше подолго од 20 години.
Финалето се игра на 24-ти мај во Стокхолм, со почеток од 20.45 часот.

Најнови вести