Корисничко име Лозинка Пријави се
28.9.2017

Анчелоти доби отказ по дебаклот во Париз

Тренерот на баварскиот гигант Карло Анчелоти доби отказ по убедливиот пораз од ПСЖ во Лигата на шампионите.

Баерн Минхен синоќа во Париз беше поразен од ПСЖ со 0-3, а минатиот петок ја испушти предноста од два гол на домашен терен против Волфсбург.
„Тоа беше горчлив пораз. Мораме да разговараме за него, мораме да направиме анализа и од која мора да се извлечат поуки и некој ќе мора да ги сноси последиците“, изјави Румениге.
Првиот човек на „баварците“ не покажа симпатии кон тренерот и кон играчите.
„Мислам дека она што можевме да го видиме синоќа не беше Баерн Минхен. Битно е да поминеме преку тоа што побрзо и да го претставиме Баерн Минхен во вистинското светло. Исто така, да покажеме дека сме тим кој во претходните години во Европа и на национално ниво беше светла точка“, додаде Румениге.
Анчелоти на синоќешниот натпревар изведе изменет состав, на клупата ги остави искусните Франк Рибери, Арјен Робен и Матс Хумелс, додека Жером Боатенг не беше во екипата.
Италијанскиот стручњак го внесе Робен дури откако ПСЖ поведе со 3-0. На конференцијата за новинарите по натпреварот изјави дека е свесен дека ќе биде критикуван поради поставата.
„Јас сум некој кој многу им посветува внимание на поставата и на формацијата. Не жалам за ништо. Вистина е дека Робен, Рибери и Хумелс, кои се многу добри играчи, останаа на клупата, но секогаш имам добри играчи на клупата. Тоа е така во врвните клубови. На клупата мора да седат добри играчи, тоа е моја работа“, изјави Анчелоти по натпреварот.
„Баварците“ веќе разгледуваат неколку опции за нов тренер, а како привремена замена ќе биде асистентот на Анчелоти и поранешниот фудбалер на Баерн, Вили Сањол. Како можно долгорочно решение се споменуваат Томас Тухел и тренерот на Хофенхајм, Јулијан Нагелсман.

 

Најнови вести