Корисничко име Лозинка Пријави се
04.10.2017

Спречен терористички напад кај стадионот на ПСЖ

Француската полиција спречила терористички бомбашки напад кај стадионот на ПСЖ на денот на фудбалскиот натпревар во саботата.

Како што пренесуваат медиумите, во близина на „Паркот на принцовите“ неколку часа пред натпреварот меѓу ПСЖ и Бордо била пронајдена експлозивна направа.
Бомбата поставена во близина на објектот во којшто во попладневните часови имало повеќе од 50.000 луѓе се состоела од четири гасни цилиндри потопени во бензин, поврзани со детонатор преку мобилен телефон.
Ја пронашол еден локален станар во блиската улица и ја известил полицијата околу 4.30 часот. Полицијата привела пет лица на самото место, вклучувајќи и жена поврзана со радикалните исламистички движења.
Од петтемина приведени, едно лице ѝ било познато на полицијата и требало да биде под надзор. Полицијата претпоставува дека им избегало благодарение на пријателот кој личи на него.
„Кога следите некого, секогаш има лице кое е подготвено да му помогне нему. Тоа покажува колку е високо нивото на опасност во Франција“, изјави францускиот министер за внатрешни работи Жерар Коломб.
Тој додаде дека француската полиција спречила дури 12 терористички напади ширум земјата од почетокот на годината.
Ова е втор пат во последната година и пол цел на терористички напад да биде стадион во Париз. Во февруари 2016 година бомбаши-самоубијци усмртија три лица во близина на „Стад де Франс“, во текот на дуелот меѓу Франција и Германија во предградието Сен Дени. Во текот на вечерта се случија уште пет напади во коишто загинаа повеќе од 150 луѓе.

Најнови вести