Корисничко име Лозинка Пријави се
06.11.2017

Вардар победнички се врати и од Шведска

Европскиот ракометен шампион Вардар победи на гостувањето во Шведска со 23-26 (10-15). Тој останува лидер во групата А од Лигата на шампионите и ја продолжи серијата во која освојува бодови на средбите во ова натпреварување.

Вардар го одигра 11-тиот натпревар во Лигата на шампионите по ред во кој освои бодови, а ова му е петта победа во дуелите со Кристијанштад во елитното натпреварување. „Црвено-црните“ остануваат лидери во групата А со 11 освоени бодови на шест натпревари.
Домашната екипа можеше да му се спротивставува на македонскиот и европски шампион само 11 минути од натпреварот, кога водеше со 5-3, а потоа следуваше серија голови на Вардар и не само што направи пресврт, туку и целосно доминираше. Во тој период, Арпад Штербик одбрани три топки, нападот беше беспрекорен и брзо израмни и потоа поведе со 11-7 во 20-тата минута.
Црвено-црните“ беа сигурни во одбраната, иако на позицијата среден бек беше само Игор Карачиќ бидејќи поради повреда не играше Лука Циндриќ.
Само по седум минути од второто полувреме, тренерите на Кристијанштад побараа минута одмор бидејќи Вардар веќе имаше предност од осум гола погодоци, 18-10, и два гола по ред постигна со играч повеќе и со празен гол на шведскиот клуб. Вардар играше одлично во одбрана и тоа му носеше голема предност на европскиот шампион.
Домаќинот успеа да намали на минус пет, но Вардар успешно ја одржуваше предноста. Клучот на добрата игра беше одбраната, но нападот функционираше одлично.
Вардар во следното коло ќе гостува кај ППД Загреб.

Најнови вести