Корисничко име Лозинка Пријави се
20.11.2017

Вардар продолжува со победи - и Рајн Некар падна во Скопје

Македонскиот и европски шампион Вардар го победи Рајн Некар со 30-26 (17-13) и останува најдобриот тим во ракометната Лига на шампиони по осмото одиграно коло.

Екипата на Вардар е единствена која не е поразена и со серијата од 13 натпревари по ред во кои освојува бодови, што претставува уште еден рекорд на клубот, го задржа првото место во групата А со 15 освоени бода.
Победата против германскиот Рајн Некар е петти триумф на „црвено-црните“ во дуелите со тимот од Мајнхајм. Во натпреварите против германските екипи, Вардар досега има 11 триумфи и 12 порази.
Вардарци очекуваа интензивен натпревар против Рајн Некар во Скопје, а тоа го најавија двете екипи уште од самиот почеток. Во тимот на Вардар ги немаше Рожерио Мораеш и Лука Циндриќ, натпреварот го почна со Стојанче Стоилов како пивотмен, кој требаше да се бори со одбраната на Германците.
Гостинскиот тим само еднаш, во втората минута, изедначи 1-1, а потоа сѐ беше во знак на „црвено-црните", особено нашата одбрана. 
Во десеттата минута од средбата, гостинскиот тренер мораше да побара тајмаут бидејќи Рајн Некар веќе заостануваше со 3-6. Советите не помогнаа многу, „црвено-црните“ продолжија да играат одлично, особено во одбраната, пресекувајќи многу топки и потоа лесно реализирајќи голови.
Арпад Штербик секогаш е неверојатен, но овој пат неговите колеги од одбраната беа уште подобри. Пропуштија малку топки, па Штербик не мораше да ги покажува неговите квалитети. Одбраната 5-1 со Кањелјас или Дибиров напред и агресивното движење беа перфектни, а најмногу проблеми задаваше пивотменот Баена, кој со својата корпулентност доаѓаше најчесто во позиција да постигне гол или да изнуди пенал и исклучување.
Нападот на Вардар на беше прецизен, а голманите Паличка и Апелгрен не можеа да ги бранат ударите. Вуко Борозан го решеташе противничкиот гол. Македонската екипа неколкупати имаше предност од шест погодоци, со што најавуваше дека е подготвена да остане во победничката низа. Но, Рајн Некар секогаш знае да казнува, па во самата завршница со два гола по ред намали на разлика од четири гола.
Во второто полувреме Вардарци само ја одржуваа предноста на ниво од четири до шест гола разлика, со тоа што Криштопанс во 51-вата минута постигна гол за водство на македонскиот шампион од 27-20 најавувајќи нов триумф на „црвено-црните“. Во вториот дел од средбата,  Штербик имаше дури седум одбрани. Во последните минути, најмногу поради сопствено невнимание, Вардар прими два гола по ред, па гостите ја намалија разликата на минус четири, иако лесно можеше да се случи да го испратиме противникот и со повисока разлика.
Во следното коло Вардар ќе гостува кај Рајн Некар во Германија.

Најнови вести