Корисничко име Лозинка Пријави се
15.3.2018

Меси „центурион“ на Лигата на шампионите: Најбрза „стотка“!

Лионел Меси, најдобриот фудбалер на Барселона, изјави дека е пресреќен што го постигнал стотиот погодок во Лигата на шампионите.

Аргентинецот до статусот „центурион“ на елитното натпреварување дојде со двата гола против Челзи (3-0), во реваншот од осминафиналето.
Меси стана втор фудбалер во историјата со сто и повеќе постигнати гола во елитното натпреварување, по Кристијано Роналдо (117).
„Среќен сум што го постигнав стотиот гол во ова многу моќно натпреварување, но најважно е што се пласиравме понатаму против тешкиот ривал. Важно беше навреме да ги отвориме и задоволен сум што се случи тоа. Сепак, дури кога погодивме по трет пат, работата беше завршена“, изјави Меси.
Аргентинецот му се заблагодари на Антонио Конте, менаџерот на Челзи, по зборовите на Италијанецот дека тој ја направил разликата на теренот меѓу двата тима.
„Слушнав што рече и му благодарам. Единствено што сакав е да одиме во четврт-финалето и мило ми е што го остваривме таквиот потфат“, додаде Меси.
Шанса да го подобри резултатот во Лигата на шампионите ќе има кога ќе го дознае ривалот на утрешната ждрепка меѓу Реал Мадрид, Ливерпул, Манчестер сити, Севилја, Јувентус, Рома и Баерн Минхен.
Ждрепката ќе се одржи утре напладне.

Бројките на Меси:
123 – толку натпревари му беа потребни на Меси да дојде до сто погодока, додека Роналдо тоа го направи за 137 натпревари.
524 – Меси стоте гола ги постигна од толку удари, во споредба со Роналдо со 790.
81 – поголемиот дел од головите Аргентинецот ги даде со левата нога.
11 – толку пати беше прецизен од пенал.
12 – бројот на погодоци кои ги постигна по асистенциите на Андрес Иниеста. Следен е Дани Алвес со девет.
9 – најмногу голови постигна против Арсенал.
14 – најмногу постигна во сезоната 2011/12.

Најнови вести