Корисничко име Лозинка Пријави се
16.5.2018

Лига на Европа: Магијата на Паје против војниците на Чоло

Вечерва, од 20.45 часот, на стадионот „Парк Олимпик Лион“ во финалето на Лигата на Европа ќе се сретнат Олимпик од Марсеј и Атлетико Мадрид.

Атлетико Мадрид во финалето на второто по ранг европско натпреварување влегува како фаворит, но и како двократен освојувач на Лигата на Европа од 2010 и 2012 година.
Избраниците на тренерот Диего Симоне последните години се претплатија на финалињата во еврокуповите, но во последните две против Реал во Лигата на шампионите беа неуспешни.
Во редовите на „јорганџиите“ повредени се Хосе Хименес и Витоло, но останатите од екипата се подготвени, па со Диего Коста и со Антоан Гриезман во нападот ќе се обидат да го скршат незгодниот Марсеј.
„Сè е подготвено за големото финале. Марсеј во текот на сезоната напредуваше, а имаат и тренер кој знае како да искористи многу опции во тимот. Многу се опасни, особено во редот за врска и нападот. Натпреварот сигурно ќе биде тежок“, изјави Диего Симеоне и додаде дека главна опасност за неговиот тим е офанзивниот играч на ривалот Димитри Паје.
Паје пред натпреварот имаше полесна повреда, но како што изјави и самиот, нема сомнение дека ќе истрча на теренот на стадионот во Лион.
„Се чувствувам многу подобро, можам да играм. Се чувствувам одлично, особено од почетокот на 2018 година, ништо не сум променил, но повредите главно ме одминуваа. Тогаш сè беше полесно“, изјави Димитри Паје, плејмејкерот на Олимпик од Марсеј, кого Симеоне го окарактеризира како мозокот на екипата.
Атлетико сезоната во Европа ја почна во Лигата на шампионите, каде што заврши како трет во групата со Рома, Челзи и Карабаг. Потоа, на патот до финалето на Лигата на Европа пред Мадриѓаните паѓаа Копенхаген, Локомотива, Спортинг и Арсенал.
На другата страна, четата на тренерот Руди Гарсија прво играше во квалификациите за Лигата на Европа, каде што ги елиминира Остенде и Домжале. Олимпик потоа беше втор во групата зад Салцбург, а пред Коњаспор и Виторија Гимараис, додека подоцна, во нокаут-фазата ги елиминира Брага, Атлетик Билбао, Лајпциг и Салцбург во полуфиналето.
Атлетико и Олимпик во историјата играа два пати, и двата во групната фаза од Лигата на шампионите 2008 година. Во Марсеј беше 0-0, а во Мадрид 2-1 за „јорганџиите“.
Освен за трофејот, влогот во финалето е поголем за Марсеј, кој со победа би обезбедил настап во групната фаза наредната сезона во Лигата на шампионите, бидејќи за тоа сè уште нема успеано во домашното првенство. Атлетико не мора да се грижи за тоа бидејќи веќе го направи во Ла Лига.
Марсеј во европските натпреварувања има два трофеја – Лигата на шампионите 1993 година и Интертото купот 2005. Олимпик изгуби во три финалиња – во најпознатото против Црвена ѕвезда во Купот на шампионите 1991 година, како и во Купот на УЕФА против Парма во 1999 и против Валенсија во 2004 година.
Атлетико Мадрид може да се пофали со трофеите од Купот на победниците на куповите во 1962 година, како и со двата од Лигата на Европа од 2010 и од 2012, кога во финалињата ги елиминира Фулам и Атлетик Билбао. Исто така, тие години „јорганџиите“ го освоија и Суперкупот на Европа.
Натпреварот на стадионот во Лион ќе го води холандскиот судија Бјорн Којперс, додека на клупата на Атлетико нема да биде Диего Симеоне, кој ја издржува суспензијата од четири натпревари.

Најнови вести