Корисничко име Лозинка Пријави се
02.7.2018

Ферстапен ја освои Австрија, Фетел нов лидер во Формула 1

Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, победи на Големата награда на Австрија, а нов лидер во Формула 1 стана Себастијан Фетел.

Ферстапен до победата стигна од четвртата стартна позиција искористувајќи ја лошата тактика на Мерцедес и тоа што Луис Хамилтон не отиде да ги замени пневматиците додека на патеката беше сигурносното возило.
Холанѓанецот ја презема челната позиција и сигурно стигна до четвртата победа во кариерата. На крајот Мерцедес доживеа дебакл откако Валтери Ботас се откажа од трката иако тргна од пол-позицијата, а во самиот финиш и Хамилтон предвреме заврши.
На подиумот се најдоа двата возачи на Ферари, Кими Раиконен како втор, а Фетел заврши трет, што на Германецот му го донесе првото место во генералниот пласман со еден бод пред Луис Хамилтон.
Ферстапен му ја донесе на Ред Бул првата победа на домашната патека „Ред Бул ринг“ во Шпилберг, прв триумф на тимот во историјата на домашен терен во Австрија.
Трката освен двата Мерцедеси не ја завршија ниту Даниел Рикардо, Нико Хилкенберг и Брендон Хартли, додека едно од изненадувањата на трката беше Роман Гросжан на четвртото место за први 12 бодови во сезоната.
Петти беше Кевин Магнусен, шести Естебан Окон, седми Серхио Перес, осми Фернандо Алонсо, а Шарл Леклер и Маркус Ериксон ја комплетираат првата „десетка“.
Следната трка е наредниот викенд во Силверстон за Големата награда на Велика Британија.

Најнови вести