Корисничко име Лозинка Пријави се
10.7.2018

Финале пред финалето: Белгија и факторот Анри

Од 20 часот, на стадионот „Крастовски“ во Санкт Петербург на програмата е првиот полуфинален дуел на Светското првенство во Русија меѓу Франција и Белгија.

Општата оцена е дека дуелот меѓу „галските петли“ и „ѓаволите“ ќе биде финале пред финале, бидејќи овие две селекции дадоа и покажаа најмногу на тековниот Мундијал.
Французите на отворањето на нокаут-фазата ја елиминираа Аргентина во спектакуларна средба (4-3), додека потоа без никакви проблеми го совладаа и Уругвај (2-0).
„Сè што ќе ви кажам е дека играме во полуфиналето на Светското првенство, односно имаме шанса да се пласираме во големото финале. Мислам дека тоа е доволно. Нашата екипа е помлада во просек од онаа која пред две години во татковината играше во финалето на Европското првенство, но, исто така, тоа се момчиња коишто имаат огромно искуство во клупскиот фудбал. Мораме да веруваме во себе и да останеме мирни“, изјави Дидие Дешамп, селекторот на Франција.
Истовремено, посебна тежина на средбата ѝ дава и фактот дека Тиери Анри е асистент на селекторот на ривалот, еден од најдобрите играчи во историјата на Франција и освојувач на Мундијалот во 1998 и на Европското првенство две години подоцна, токму со Дешамп како соиграч.
„Кога играте за странски клуб и ќе се сретнете со некој ваш, вие сте непријател, а оваа ситуација е уште поспецифична бидејќи се работи за натпревар меѓу национални тимови. Сигурно дека Тиери не помислил на вакво сценарио кога ја прифатил работата и верувам дека нема ниту малку да му биде лесно“, додаде Дешамп.
Од друга страна, Белгијците на Роберто Мартинес за малку не го шокираа целиот свет во осминафиналето, но сепак успеаја да направата експресен пресврт против Јапонија (3-2), а потоа да потврдат дека имаат тим за големи дела елиминирајќи го Бразил (2-1).
„Оваа група играчи мора да игра без никаков страв. Ако во играчите влезе страв пред натпреварот, ќе направат помалку отколку што можат. Игра без страв, тоа би била важна работа која најмногу би ни помогнала“, изјави Мартинес.
„Тиери живее за фудбалот. Тој е посебна личност. Ни донесе искуство како освојувач на Светското првенство, а тоа вреди злато“, додаде Мартинес.
Двајцата селектори немаат проблеми со повредени играчи.
Другото полуфинале се игра утре, во истиот термин во Москва, а ќе се сретнат Англија и Хрватска.

Најнови вести