Корисничко име Лозинка Пријави се
26.7.2018

Салах за минута и пеналот на Мане за пресврт против Сити

Фудбалерите на Ливерпул го победија Манчестер сити со 2-1 во рамките на Интерконтиненталниот куп на шампионите на стадионот „Метлајф“ во Ист Ратерфорд во Њу Џерси.

Менаџерите Пеп Гвардиола и Јирген Клоп, како што е и секогаш пракса во претсезонските натпревари, испробаа голем број играчи, а шанса добија и оние помалку забележаните од минатата сезона.
Во прв план беа оние стандардните, па прв стрелец за „граѓаните“ беше Лерој Сане во 57-мата минута, а за „црвените“ Мохамед Салах во 63-тата и Садио Мане во 90+4 од пенал.
Најинтересно беше во вториот дел од играта. Германскиот офанзивен фудбалер Лерој Сане тогаш влезе во игра, а до голот дојде по 12 минути, кога по асистенцијата на Бернардо Силва, ги претрча дефанзивните играчи на Ливерпул и од левата страна ја затресе мрежата на ривалот од Премиер лигата.
Мохамед Салах, најдобриот фудбалер на Премиер лигата за минатата сезона, по Светското првенство во Русија, беше на краток одмор, а на тимот на Ливерпул му се приклучи минатиот викенд.
Во игра влезе во 62-рата минута, а по малку повеќе од 60 секунди на теренот, беше стрелец со глава, откако топката му ја додаде Португалецот Рафаел Камача.
Иако се чинеше дека ќе остане нерешено, до целосен пресврт дојде во четвртата минута од судиското продолжение на времето, кога во шеснаесетникот на Манчестер сити беше фаулиран Доминик Соланке, додека од белата точка сигурен беше Садио Мане.
„Граѓаните“ наредниот натпревар во Интерконтиненталниот куп на шампионите ќе го играат за два дена против Баерн во Мајами, додека „црвените“ истиот ден во Ен Арбор во Мичиген ќе се сретнат со Манчестер јунајтед.

Најнови вести