Корисничко име Лозинка Пријави се
22.2.2012

Тевес му се извини на Манчестер сити

Карлос Тевес, 28-годишниот напаѓач на Манчестер сити, им се извини на својот клуб и на неговите навивачи за неговото однесување во последните неколку месеци.

„Сакам искрено и безрезервно да им се извинам на сите коишто ги изневерив и на сите коишто со своите постапки во последните неколку месеци ги навредив. Моја желба е да се концентрирам на играњето фудбал за Манчестер сити“, стои во изјавата на Тевес која „граѓаните“ ја објавија на официјалната интернет-страница на клубот.
Судирот на Аргентинецот со Сити почна на 27-ми септември на натпреварот од Лигата на шампионите против Баерн Минхен на „Алијанц арената“, кога одби да го послуша менаџерот Роберто Манчини и да отиде на загревање.
После тоа, контроверзниот фудбалер беше казнет финансиски и суспендиран, а во ноември, без дозвола на клубот, замина во својата татковина. Во негово отсуство клупските органи го прогласија виновен за тешко нарушување на дисциплинскиот кодекс на клубот и се чинеше дека во јануарскиот преоден рок ќе ја промени средината. Интерес за Тевес покажаа Милан, Интер, ПСЖ и Коринтијанс, но од Сити одбија да го продадат под неговата вредност, која ја проценија на 25 милиони евра.
„Карлос на сите им се извини за неговото лошо однесување од неодамна. Исто така, минатиот вторник се врати во клубот по тримесечното отсуство без дозвола, а ја повлече својата жалба поради кршење на правилникот на однесување. Оттогаш почна со програмата за тренинг за да се врати во оптимална форма“, стои во соопштението на „граѓаните“.
Најдобриот стрелец на Сити во последните две премиерлигашки сезони ќе му биде недостапен на менаџерот Роберто Манчини за реванш-натпревар од шеснаесетфиналето на Лигата на Европа против Порто бидејќи не е регистриран за натпреварувањето. Евентуална шанса за настап ќе има во премиерлигашките дуели, почнувајќи од оној против Блекбурн на 25-ти февруари.
Последниот натпревар за Сити го одигра на 21-ви септември против Бирмингам во Карлинг купот.

Најнови вести