Корисничко име Лозинка Пријави се
13.3.2012

Коринтијанс го отпушти Адријано

Бразилскиот прволигаш Коринтијанс објави дека го отпушти 30-годишниот напаѓач Адријано, некогашниот фудбалер на Интер, Фиорентина, Парма, Рома и Фламенго.

На Адријано договорот со екипата од Сао Пауло му завршуваше во јуни оваа година, но клубот одлучи порано да му го покаже излезот. Откако во март минатата година дојде од Рома, контроверзниот напаѓач се бореше со повредите и вишокот килограми. Поради тоа клубот пред неколку дена го стави на строга диета, но и тоа, очигледно, не даде никакви резултати.
„Коринтијанс направи сè за да му помогне на Адријано. Дури и самиот го призна тоа. Направивме сè што беше во наша моќ да го вратиме во форма. Но на крајот дојдовме до заклучок дека најдобро е да го раскинеме договорот, со што се сложи и тој“, објасни Роберто де Андраде, спортскиот директор на Коринтијанс.
Во петокот Адријано одби да се измери на вага по тренингот, а капката која ја прели чашата беше неговото барање во неделата да биде ослободен од тренингот. Во клубот тогаш сфатија дека нивниот напаѓач е непоправлив и дека продолжување на соработката веќе нема никаква смисла.

Најнови вести