Корисничко име Лозинка Пријави се
11.6.2013

На Фенербахче повторно му се заканува исклучување од Лигата на шампионите

УЕФА ги обвини Фенербахче и пет официјални лица на клубот за местење натпревари, па турскиот клуб повторно се соочува со исклучување од Лигата на шампионите. Покрај Фенербахче, УЕФА поведе и посебни процеси против Бешикташ и Стеауа.

УЕФА објави дека ќе одржи дисциплинска постапка против Фенербахче на 22-ри јуни, додека пресудата се очекува во неделата по постапката. Во соопштението не се наведени имињата на официјалните лица.
Според правилата, УЕФА исклучува клубови од своите натпреварувања на една сезона ако се поврзани со местење натпревари од април 2007 година, кога е ажуриран правниот статут.
Фенербахче сезоната ја заврши на второто место, зад Галатасарај, и ќе игра во третото коло од квалификациите за Лигата на шампионите.
Клубот од Истанбул беше исфрлен од Лигата на шампионите во сезоната 2011/12 бидејќи неколку негови челници беа поврзани со местење првенствени натпревари.
Против Бешикташ и Стеауа се почнати посебни процеси. Бешикташ и две негови службени лица се осомничени за местење и тоа на финалето од Турскиот куп во 2011 година, а кај Стеауа во прашање се исполнувањето на условите на УЕФА за учество во европските натпревари.
За овие два случаи ќе се расправа на 21 јуни.

Најнови вести