Корисничко име Лозинка Пријави се
26.6.2013

УЕФА: Жестоки казни за Фенербахле и Бешикташ, Стеауа се спаси

Европската фудбалска унија им изрече драстични суспензии на турските гиганти Фенербахче и Бешикташ.

Вицешампионот Фенербахче ќе пропушти две години во еврокуповите и уште една сезона условна суспензија.
Бешикташ, кој Суперлигата на Турција ја заврши на третото место, нема да игра во наредната сезона на Лигата на Европа. Двата клуба се казнети поради местење натпревари во домашните натпреварувања.
Шокираниот претседател на Бешикташ,Фикрет Орман најави жалба, на која клубовите имаат право во наредните три дена.
УЕФА пред две седмици соопшти дека е завршена истрагата против Бешикташ и Фенербахче поради скандалот со местење натпревари од пред две години. Во прашање се натпревари од шампионатот 2010/11, кога Фенербахче заврши како шампион.
Под истрага е и финалниот натпревар на Купот на Турција од таа година, кој Бешикташ го одигра со Истанбул Бујукшехир. Натпреварот заврши 2-2, а со подобро изведување на пеналите пехарот му припадна на Бешикташ.
Остри казни му се закануваат на поранешниот потпретседател на „црно-белите“, Сердал Адал и на тренерот Тајфур Хавутчу, кои би можеле да добијат и доживотна забрана за работа во фудбалот. Нивниот случај е вратен кај инспекторот на турската полиција, кој го водеше случајот завршен со 15-месечен затвор за двајцата, а одлуката ќе биде донесена кога инспекторот ќе го испрати дополнетиот случај. Под истрага се и тројца челници на Фенербахче.
Фенербахче веќе беше суспендиран од Европа во сезоната 2011/12, додека Бешикташ поради финансиски проблеми не играше минатата година.
Казната на Фенербахче се однесува на првите две сезони во кои избори место во еврокуповите, а во случај да направи нов прекршок во наредните пет години, ќе се додаде уште една сезона суспензија.
Ако жалбите на двата клуба не бидат прифатени, на местото на Фенербахче во Лигата на шампионите ќе оди четвртопласираниот Бурсаспор, во Лигата на Европа ќе оди петтопласираниот Кајсериспор, а шанса би можело да добие и шестопласираниот Касимпаша.
На дневен ред беше и казната на Стеауа, но шампионот на Европа од 1986 година поради олеснителни околности, доби условна едногодишна суспензија, која ќе биде активирана во случај на нов престап во наредните пет години. Поваа одлука, Стеауа сепак ќе игра против македонскиот шампион Вардар во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Најнови вести