Корисничко име Лозинка Пријави се
04.11.2013

Ажаксио му даде отказ на Раванели, Брачони нов тренер

Францускиот прволигаш Ажаксио го смени 44-годишниот италијански тренер Фабрицио Раванели од должноста тренер по четвртиот последователен лигашки пораз и на негово место го постави Кристијан Брачони.

Ажаксио во саботата ја изгуби средбата од 12-тото коло на Лига 1 од Валенсиен со 3-1. Фабрицио Раванели, кој тренерската кариера ја почна во младинската екипа на Јувентус пред две години, а водењето на Ажаксио го презеде во јуни оваа година, по натпреварот откри дека веќе не е тренер на клубот.
„Ова беше мојот последен натпревар на клупата на Ажаксио. Клубот ме смени, така одлучи претседателот Ален Орсони. Сепак му се заблагодарувам, како и на целиот клуб и на навивачите“, изјави Раванели.
Орсони истакна дека тешко се решил на оваа одлука.
„Од многу причини ми беше тешко вака да одлучам. Вистински го почитувам Фабрицио и како тренер и како човек. Навистина сакав да остане кај нас. Не се сеќавам дали некогаш сум видел стручен штаб кој работи толку напорно од утро до вечер како неговиот. Но, знаете каков е фудбалот. Ако не ви оди, мора да го смените тренерот. Наскоро ќе именуваме привремен, а потоа и нов постојан тренер“, изјави претседателот на клубот.
Новиот тренер Кристијан Брачони на клупата на клубот од Корзика ќе биде најмалку до крајот на есенската полусезона. Тој претходно работел со младинските категории на Ажаксио.
На табелата Ажаксио се наоѓа на претпоследното, 19-то место со седум бодови.