Корисничко име Лозинка Пријави се
15.1.2014

Муту го напушти Ажаксио и потпиша за Петролул

Романскиот фудбалер Адријан Муту вчера го раскина договорот со екипата на Ажаксио, беше соопштено на интернет-страницата на францускиот клуб, а денеска потпиша за Петролул Плоешти.

Муту во Ажаксио дојде во 2012 и таа година на 26 натпревари постигна 11 голови. Оваа сезона одигра девет средби, но не успеа да се запише во списокот на стрелците.
Покрај Муту, Ажаксио го напушти и левиот бек Стефан Попеску.
По 20 одиграни натпревари, клубот од Корзика се наоѓа на последното место на табелата на Лига 1 само со девет освоени бодови.
Муту денеска беше претставен пред навивачите на Петролул Плошети, кое во голем број ја дочекаа ѕвездата на романскиот фудбал.
„Мило ми е што се вратив во Романија. Се решив да го засилам Петролул пред три-четири месеци по разговорот со тренерот Козмин Контра. Се надевам дека на мојот нов клуб ќе му донесам нешто ново. Знам дека од мене се очекуваат голови, но јас сум навикнат на притисокот. Мојата цел е да ја освоиме шампионската титула“, изјави Муту на официјалното претставување во Плоешти.
Петролул во моментов е на втората позиција во романскиот шампионат, со само два бода помалку од лидерот Астра.
Муту за репрезентацијата на Романија одигра 77 натпревари на кои постигна 35 голови. Во текот на неговата кариера го следеа многу контроверзи поради неговите ноќни лудувања, алкохолот и употребата на дрога поради што на двапати беше суспендиран на подолго време.