Корисничко име Лозинка Пријави се
08.9.2015

Велосо го замолчи Елбасан, Германците славеа во Глазгов

Фудбалерите на Португалија ја победија Албанија во Елбасан со 1-0 и со тоа направија голем чекор кон пласман на Европското првенство.

Големиот триумф на Португалија ѝ го донесе Мигел Велосо во 92-рата минута од натпреварот.
По оваа победа, Португалија на чело на групата И има 15 бодови од шест натпревари и практично обезбеди пласман на Европското првенство, додека второпласираната Данска има 12 бодови од седум средби, а третопласираната Албанија исто толку бодови од шест натпревари.
Блиску до пласман на Европското првенство е и Германија, која вчера славеше во Глазгов против Шкотска со 3-2. Во првиот дел домаќинот во два наврати ја стигна предноста која на Германците им ја носеше Томас Милер, а во продолжението натпреварот го реши Гундоган во 54-тата минута.
На две кола пред крајот, Германците на првото место на групата Д имаат 19 бодови, но и второпласираните по нив славеа.
Полска, според очекувањата, беше убедлива против Гибралтар со 8-1 и повторно има два бода помалку од Германија, а третопласираната Ирска сега има 15 бодови откако ја победи Грузија со 1-0, со голот на Волтерс во 69-тата минута.
Во групата Ф, Северна Ирска и Унгарија одиграа нерешено 1-1. Гостите поведоа со голот на Гузмич во 74-тата минута, а голем бод на Северна Ирска ѝ донесе Лаферти во третата минута од продолжението на средбата. Северна Ирска е прва во групата со 17 бодови, еден повеќе од Романија, која пропушти одлична шанса откако одигра без голови со прежалената Грција.
На третото место на табелата е Унгарија, која на две кола пред крајот има 13 бодови. Во последниот натпревар од оваа група Финска славеше против Фарски Острови со 1-0, па се вклучи во борбата за третото место кое води во баражот.

Група Д:
Ирска – Грузија 1-0
Полска – Гибралтар 8-1
Шкотска – Германија 2-3
Табела: Германија 19, Полска 17, Ирска 15, Шкотска 11, Грузија 6, Гибралтар 0

Група Ф:
Финска – Фарски Острови 1-0
Северна Ирска – Унгарија 1-1
Романија – Грција 0-0
Табела: Северна Ирска 17, Романија 16, Унгарија 13, Финска 10, Фарски Острови 6, Грција 3

Група И:
Ерменија – Данска 0-0
Албанија – Португалија 0-1
Табела: Португалија 15, Данска 12, Албанија 12, Ерменија 2, Србија 1

Најнови вести