Корисничко име Лозинка Пријави се
08.10.2015

Каменуван автобусот на Србија, нема повредени

Во Тирана е каменуван автобусот со репрезентативците на Србија пред натпреварот од квалификациите за Европското првенство.

Инцидентот се случил на патот од аеродромот до хотелот, каде што српската репрезентација преноќи пред да оди во Елбасан, местото каде што се одигруваат квалификациските натпревари за Европското првенство со домашната селекција на Албанија.
На автобусот со српските фудбалери му било скршено стаклото, сите играчи биле шокирани од хулиганскиот испад, а според зборовите на потпретседателот Сава Милошевиќ, никој не бил повреден.
Репортер на „Б92“ од местото на настанот јави дека е погодено стаклото зад возачот и дека долетале неколку камења, од кои еден бил доста голем. Стаклото не паднало бидејќи било засилено, но секој следен контакт би направил тоа да се распадне.
Со придружба на полицијата репрезентативците на Србија безбедно стигнале во хотелот.
Српската делегација директно од авионот влегла во автобусите коишто ги чекале на пистата и кои екипата и останатите патници ги однесле до хотелот. По патот полицијата била распоредена на секои неколку десетици метри.
Играчите и стручниот штаб не ја поминале вообичаената пасошка контрола, туку влезот во земјата дополнително бил заверуван без присуство на играчите.
Безбедноста до инцидентот била на највисоко ниво, а патиштата по кои се движеле членовите на српскиот тим биле целосно затворени за сообраќај, но покрај патот имало многу луѓе кои вееле албански знамиња и ги свиркале фудбалерите.
Дуелот на „Елбасан арената“ ќе се игра вечерва, од 20.45 часот, во претпоследното коло на групата И од квалификациите за Европското првенство.

Најнови вести