Корисничко име Лозинка Пријави се
30.6.2018

Сантос: Ќе изгубиме ако Роналдо игра сам

Португалија вечерва во 20 часот ќе го игра второто осминафинале на Мундијалот против Уругвај, а португалскиот селектор пред дуелот со јужноамериканците повторно говореше за првата ѕвезда во својот тим, Кристијано Роналдо.

„Потребно е да игра тимот. Ќе изгубиме ако Роналдо игра сам. Мораме да бидеме силни како што ќе биде и Уругвај. Тешко е да се потпрете само на еден играч. Дури и да постигнете три гола потребна е поддршка на целиот тим. Ќе се судрат две екипи кои се многу квалитетни. Кога ќе се погледне средината на теренот и нападот, се гледа дека имаат играчи во најсилните европски клубови. Вистината е кога две екипи ќе се неутрализираат една со друга, индивидуалниот квалитет избива во прв план. Се надевам дека мојот состав ќе биде на висината на задачата па Роналдо ќе ја направи разликата“, изјави Сантос пред дуелот со Уругвај во Сочи.
Уругвајците во групата А остварија три победи, а Португалија беше втора во групата Б со победа и две ремија и полоша гол разлика од Шпанија.
„Уругвај го има селекторот Оскар Табарез кој ги води 12 години. Многу се силни, квалитетни и искусни. Ги познаваме нивните играчи, немаат многу слабости и делуваат како целина. Ние го имаме еден од најдобрите фудбалери на светот, но во нивниот тим има извонредни играчи како што се Суарес и Кавани“, заврши португалскиот селектор.
Португалија и Уругвај досега во историјата се сретнале само двапати и тоа многу одамна. Во 1966 година славеле Португалците со 3-0, а во 1972 година било нерешено 1-1.

Најнови вести